Клоп: Среќен сум за Диаз, но најважни се вестите од Колумбија

Ливерпул не дојде до посакуваниот резултат на гостувањето кај аутсајдерот Лутон каде одигра само 1-1, поточно се спаси од пораз со гол во судиското продолжение.

Погодокот вреден реми беше дело на нововлезениот Луис Дијаз кој се најде на вистинското место во 95 минута. Колумбиецот како што е познато минува низ семејна драма, поточно неговиот татко е киднапиран во неговата родна земја, па офанзивецот под дресот имаше порака во која бара негово ослободување.

Ова беше емотивен момент, па сите во таборот на Ливерпул се надеваат дека ќе се заврши оваа непријатна ситуација и тоа со позитивен епилог.

„Тоа беше прекрасен момент на натпревар од кој не може да се извлечат многу убави моменти. Луис влезе доцна и постигна гол. Но, тоа не ја менува ситуацијата. Најважно е татко му да биде ослободен. Прекрасно е што имаше желба да биде тука. За нас тоа е исклучително важен гол, за него е исто така многу важен и многу емотивен. Тој постигна гол, но она што навистина ни треба се добри вести од Колумбија“, порача тренерот Јирген Клоп.