Јуве плаќа пет милиони евра за најголемиот црногорски талент
Големиот црногорски талент Василије Аџиќ го предизвика вниманието на голем број европски клубови, но се чини најбрз и најконкретен со понудата бил Јувентус.
Италијанските медиуми, вклучувајќи го и Џанлука Ди Марцио вечерва потврдија дека „бјанконерите“ постигнале договор со Будуќност за трансферот на 17-годишниот фудбалер и тој наскоро ќе пристигне во Торино.
Аџиќ е креативен играч од средниот ред од кој се очекува да има импресивна кариера, а тоа го докажува и фактот што клубот од Подгорица ќе заработи дури пет милиони евра за тинејџерот и плус одреден процент од идна продажба.
Се очекува Црногорецот да отпатува во Торино за лекарски прегледи и други формалности, но веројатно ќе остане во Будуќност до крајот на сезоната.
Јувентус првично би требало да му даде време да се адаптира настапувајќи за вториот тим кој игра во третата лига, но Аџиќ најавува дека брзо ќе биде во конкуренција и за првиот тим.