Гасперини: Да се елиминира Ливерпул е еднакво на трофеј за Аталанта
Тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини по пласманот на неговиот тим во полуфиналето на Лига Европа, по победата од 3:0 против Ливерпул на „Енфилд“ пред една недела и тесниот пораз од 0-1 синоќа во реваншот, изјави дека елиминирале „одличен тренер и одличен тим“.
„Несомнено ни е важно да освоиме нешто, но победа е и да го видиме единството на овие момци. На полувремето ги прашав дали сакаат малку да се повлечат и да се бранат подлабоко, дали чувствуваат притисок, но тие рекоа апсолутно не! Ова е трофеј за мене, оваа победа е како трофеј за Аталанта, бидејќи тие размислуваат како мене. Кога клуб како нашиот ќе успее да постигне резултати далеку од историјата на Аталанта и Бергамо, морам да го сметам за исклучителен за мојата кариера, за Бергамо и за сите останати“, изјави Гасперини.
Во полуфиналето Италијанците ќе ги одмерат силите со тимот на Марсеј, кој по продолженијата и пенали ја совлада португалска Бенфика. Средбите се на 2 и 9 мај.