Мусиала добива комплименти од сите страни на Европското првенство

Германската фудбалска репрезентација прва обезбеди пласман во нокаут фазата на Европското првенство, но слободно може да се каже дека избраниците на Јулијан Нагелсман досега го прикажаа и најдобриот фудбал во пакет со Шпанија.

Германците постигнаа седум и примија само еден гол на првите два меча на турнирот на кои се домаќини, па иако изгледаат одлично како колектив, сепак еден играч се издвојува со индивидуалните потези кои ги прикажа.

Џамал Мусиала полека прераснува во вистински лидер на германскиот тим, па популарниот „Бамби“ се гледа дека фудбалски созрева и полека се претвора во голема суперѕвезда.

Играчот на Баерн Минхен добива голема поддршка од Јулијан Нагелсман со кого соработуваше и на „Алијанц арена“, а германскиот селектор откри какво барање има од младиот 21-годишен фудбалер.

„Водам многу состаноци со Џамал и тоа го правев и додека бев тренер на Баерн. Сега истото се случува и во репрезентацијата. Секогаш му велам да игра како да е на мал терен во Германија или во Англија со пријателите. Барам од него да игра како на мал фудбал и навистина го прави тоа. Тој е насмеан и игра без притисок, тоа е најважно за него“, вели Нагелсман.