Надал не победи никого, а се врати побогат за 1,5 милиони долари
Рафаел Надал се врати од Саудиска Арабија со 1,5 милиони долари, без да победи никого на турнирот „Six Kings Slem“.
Најпрво беше надигран од сонародникот Карлос Алкараз, а во мечот за третото место Новак Ѓоковиќ „стави точка“ на нивното ривалство, бидејќи Надал ќе се повлече по Дејвис купот.
Доколку „остане без пари“, што тешко дека ќе се случи бидејќи е еден од најбогатите спортисти на сите времиња, Рафаел Надал ќе може да го продаде златниот рекет што го доби од советникот на кралското семејство на Саудиска Арабија, Турки Ал-Шеик.
По финалниот меч во Ријад, Надал доби подарок што не го очекуваше, бидејќи доверлив човек на кралот Салман му пријде и му подари златен рекет, доказ за богатството на владејачкото семејство.
„Задоволство е што си тука со нас, за тебе имаме мал подарок од „сезоната на Ријад“ и ти посакувам добра иднина во животот“, рече тој, а потоа му го покажа рекетот на Надал кој го остави без зборови.
Таа сцена го воодушеви Надал, кој вети дека нема да го загуби рекетот, и дека ќе го „штити како очите во главата“.
Како што пренесуваат медиумите, рекетот е тежок три килограми и е изработен од чисто злато, па наводно вреди околу 250.000 евра. Нема сомнеж дека Надал ќе го најде вистинското место во својот дом за овој фантастичен подарок, еден од највредните што ги добил во кариерата.