Македонија тешко ја совлада Естонија на стартот на квалификациите за ЕП 2026
Македонските ракометари со победа го отворија новиот циклус квалификации за пласман на Европското првенство во 2026 кое ќе се одржи во три земји – Данска, Шведска и Норвешка.
Избраниците на селекторот, Кире Лазаров, успеаја да ја совладаат селекцијата на Естонија со 37-33 откако првиот дел заврши нерешено 20-20. На дуелот одигран во СЦ Борис Трајковски, решавачки беа вторите триесет минути во кои нашите ракометари одиграа многу подобро во одбраната и сосема заслужено ги прокнижија првите бодови во групата во која се уште Словенија и Литванија.
Во нашиот состав Серафимов постигна десет голови додека Митев и Кузмановски застанаа на седум. Кај гостите од Естонија се одвои бекот, Карл Тум, со единаесет погодоци. Нашата селекција на 10 ноември ќе гостува кај Литванија.