Ван Нистелрој ќе биде нов менаџер на Лестер Сити
Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Руд ван Нистелрој ќе биде назначен за менаџер на Лестер Сити, објави „Телеграф“. Холанѓанецот ќе го замени Стив Купер, кој доби отказ пред неколку дена, а главна задача пред него ќе биде да му помогне на тимот да остане во Премиер лигата.
Веќе е постигнат договор меѓу двете страни и прашање на време е кога ќе се објави веста. Греам Потер беше другата главна опција пред клубот.
Ван Нистелрој штотуку го заврши својот престој во Манчестер Јунајтед. Тој се врати на „Олд Трафорд“ летото како помошник на сонародникот Ерик тен Хаг, но по отпуштањето на поранешниот тренер на Ајакс, тој беше назначен за привремен менаџер. Тој го водеше Јунајтед во четири натпревари, од кои два – во Лига купот и во Премиер лигата – беа директно против Лестер и помогнаа да се реши ослободувањето на Купер бидејќи „црвените ѓаволи“ ги победија со три гола разлика.
Руд ван Нистелрој досега само еднаш во кариерата беше тренер на некоја екипа. Тоа беше во тимот на ПСВ Ајндховен, со кој го освои Купот на Холандија во сезоната 2022/23, а деновиве беше поврзуван и со Хамбургер.