КТМ размислува за повлекување од Мото ГП шампионатот
Иднината на КТМ во Мото ГП шампионатот е неизвесна поради финансиската криза низ која поминува компанијата.
Информациите од состанокот на доверителите одржан во петокот во врска со стечајната постапка на КТМ, наведуваат дека проектот Мото ГП на брендот е во план да биде прекинат со цел да се намалат трошоците. На австриската франшиза засега и е дозволено да продолжи да работи во сегашната форма, а инвеститорите изразија желба да помогнат да се стабилизира компанијата со инвестиција од 700 милиони евра.
Со тоа би се покрила нешто повеќе од една третина од долгот, кој изнесува околу 1,8 милијарди евра, што секако е добар почеток за финансиско закрепнување.
Прогнозите за отпуштања се ублажени, 300 наместо 500 луѓе ќе останат без работа, а платите за ноември и декември треба да бидат исплатени до јануари 2025 година.
KTM рејсинг не ја коментираше кризата, а познато е дека тимот ќе учествува во следната сезона на престижното натпреварување. Сепак, поради големите финансиски проблеми од Мото 2 и Мото 3 исчезнаа тимовите ГасГас и Хускварна.
Организацијата за заштита на доверители соопшти дека во рамки на реорганизацијата се очекува и повлекување на компанијата од Мото ГП, па останува дилемата дали КТМ ќе биде присутен во шампионатот по 2025 година.