Прогласени најдобрите атлетичари за 2024 година
Денес се одржа свеченото прогласување на најуспешните атлетичари, тренери и клубови во Македонија за постигнувањата во атлетскиот спорт во 2024 година.
Овој значаен настан е во организација на Атлетската Федерација на Македонија, а беше одбележан во присуство на најдобрите и најталентирани спортски личности, како и почитувани гости како градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, голем поддржувач на атлетиката и спортот, Проф .д-р Влатко Неделковски, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, новинари и други.
По поздравните зборови на водителот, присутните ги поздрави и претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска Зикова, која ја истакна успешноста на атлетиката во Македонија во изминатата 2024 година. Таа нагласи дека Македонија има бројни успеси на меѓународната сцена, со учество на Олимписките игри, Светски и Европски првенства, како и бројни рекорди поставени во различни дисциплини.
„Навистина сум среќна и горда што можам да застанам исправено пред вас, да дискутираме за напредокот и успесите на атлетиката, спортот со кој што пораснав, спортот за кој што живеам, спортот кој што ме дефинираше како личност и спортот кој што сакам да го видам на највисокиот пиедестал. 2024 беше година на нови рекорди, нови таленти и извонредни спортски резултати. Им се заблагодарувам на сите македонските атлетичари кои продолжуваат да ја предводат атлетиката во регионалните и европските натпревари, што даваат тежина на самата федерација, што го уважувате спортот и сигурна сум дека заеднички ќе продолжиме да креираме една убава заедничка приказна за атлетиката. Оваа вечер е прилика да ги наградиме најуспешните во сите категории,“ истакна Војнеска Зикова во својот говор.
Признанија и награди
На денешниот настан беа доделени наградите за најуспешните атлетичари, тренери и клубови. Во различни категории, беа наградени најдобрите во младинските и сениорските категории, како и најуспешните атлетски клубови и поединци за особени придонеси во развојот на спортот.
Признанијата беа доделени во следните категории:
• Млади пионери – Тина Доневска, клуб : Работнички и Парис Златановски клуб: Куманово
• Пионери – Ева Митевска, клуб: Работнички и Дамјан Ѓоргиевски., клуб: Работнички
• Млади младинци – Лина Исени, клуб: Лириа и Брајан Авија, клуб: 7миМај
• Младинци – Mелиса Димитриоски, клуб: Дрини Старт и Владимир Битољану, клуб: Центар
• Сениори – Дрита Ислами; клуб: Работнички и Дарио Ивановски
Наградите за најуспешни атлетичари и клубови беа доделени на основа на нивните исклучителни резултати постигнати на домашни и меѓународни натпревари, вклучувајќи рекорди, освојувања медали на Балкански, Европски и Светски првенства.
Признание за најуспешен атлетски клуб за 2024 година беше доделено на Атлетски клуб Делта од Скопје. Овој клуб, кој доминираше во атлетиката на државно ниво, се истакна со 6 државни рекорди и 6 атлетичари во националниот тим.
Признанието за најдобар тренер од Европската атлетска федерација во 2024 година му беше доделено на Алим Хајредини од АК Дрини Старт за неговиот значаен придонес во развојот на атлетиката и успешната работа со атлетите.
Признание за животно дело беше доделено на Мире Ивановски, легенда на македонската атлетика и долгорочен предводник на Атлетски клуб Вардар, кој остави незаменлив траг во развојот на атлетиката во Македонија.
Свеченото прогласување заврши со заедничка слика на наградените и присутните гости.
Наградените атлетичари, тренери и клубови ќе продолжат да го носат името на Македонија на врвот во светската атлетика.
Со ова, заврши свечената програма, а Атлетската федерација на Македонија им посака успешна нова 2025 година, исполнета со нови рекорди и медали.
Честитки за сите наградени и продолжуваме да веруваме во успехот на македонската атлетика!