Укината забраната за Али Даеи, легендата може да се врати на фудбалот
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан му нареди на својот министер за спорт да ја укине забраната која му е изречена на фудбалската легенда на земјата Али Даеи, објави весникот Етемад, близок до претседателскиот кабинет.
Оваа мерка ќе му овозможи на Даеи да се врати во фудбалот. Набљудувачите сметаат дека ова е обид да се смират политичките протести во земјата. На Даеи му беа забранети сите фудбалски активности, а властите привремено му го одзедоа пасошот, поради неговата солидарност со демонстрантите кои протестираа низ целата земја во септември 2022 година по смртта на Махса Амини, која почина во полициски притвор откако беше уапсена поради кршење на строгите исламски правила за облекување.
Даеи, сепак, во првата реакција одби враќање во фудбалот, велејќи: – Не сум заинтересиран. Иранецот Даеи беше најдобар стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал до септември 2021 година кога неговиот рекорд го урна Португалецот Кристијано Роналдо.
Даеи, исто така, е еден од првите ирански фудбалери кои играше во Европа, настапувајќи во сезоната 1997/98 за Арминија Билефилд, а следната ја мина во дресот на Баерн Минхен.