Лазаров: Нема да калкулираме ни на реваншот со Бриксен

Македонскиот претставник Алкалоид во сабота на домашен терен, во салата „Автокоманда“ ќе го пречека Бриксен во реванш осминафиналниот натпревар од ЕХФ Европскиот куп. По тој повод денеска на прес-конференција, Алкалоид го најави реваншот за пат во четвртфиналето.

„Неочекувано извојувавме висока победа над еден ривал од Италија, земја во која ракометот на репрезентативно и клупско ниво е во подем. Се одлепивме во последните неколку минути и стигнавме до убедлива победа. Момците одиграа одлично и сега сакам и очекувам да победиме и во реваншот. Добро сме подготвени, ривалот е квалитетен, но ние сме подобри и тоа треба да го потврдиме на теренот“, изјави тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров.

Мартин Велковски исто така очекува нов триумф со поддршка од фановите.

„Ривалот е добар, игра ракомет во висок ритам, но ние сме поквалитетни. Очекувам да имаме поддршка и од нашите навивачи и на крајот да се радуваме на нова победа“, истакна Мартин Велковски.