Галевски: Колку и да бранам, ќе бидам спремен за Македонија

Иван Галевски има одлична сезона за Алкалоид, а тоа му донесе нов повик во сениорскиот тим на Македонија каде ќе дели минутажа со Никола Митревски и Мартин Томовски. Младиот голман истакна дека секогаш е подготвен да го даде најдоброто од себе, без разлика каква минутажа ќе добие со Естонија и Литванија.

„Јас сум тука за да тренирам и да се докажувам, да го покажувам мојот квалитет, а дали ќе настапам ќе одлучи селекторот. Сепак, како што кажав, ќе го дадам најдоброто од себе, дали ќе добјам минута, две или пет, јас ќе бранам за Македонија. Веќе одигравме по еден дуел со следните два ривали, имаме материјал да ги анализираме. Добри сме и здрави, имаме време да ги спремиме, да се консолидираме и одиме на победа. Предизвик ќе биде по Светско првенство, да се игра на Европско првенство, но, сепак, ќе одиме чекор по чекор, прво да ги добиеме Естонија и Литванија, па ќе разговараме за тоа“, изјави Галевски.

Последните две средби од квалификациите за ЕП 2026, Македонија ги игра на гости и дома. Гостуваме кај Естонија на 8 мај, додека во Скопје гостува Литванија на 11 мај.