Јуве нуди пари и Даглас Луиз за Сандро Тонали

Сандро Тонали би можел да се врати во Серија А ова лето откако Јувентус го направи играчот од средниот ред на Њукасл своја главна трансфер цел, објави „Газета дело Спорт“.

Италијанскиот репрезентативец, кој се врати во фудбалот откако ја отслужи суспензијата за учество во нелегално обложување минатата сезона, се етаблираше како клучна фигура во средниот ред на Њукасл, каде што игра заедно со Бруно Гимараеш и Жоелинтон. Неговата одлична форма повторно го привлече вниманието на Јувентус, а клубот од Торино е подготвен да го понуди бразилскиот играч од средниот ред Даглас Луиз како дел од договорот.

Луиз, кој минатата година се приклучи на Јувентус од Астон Вила, не успеа да се адаптира во Торино. Серијата повреди му го нарушија ритамот, а гласините за можно враќање во англиската елита се засилуваат. Во Премиер лигата, тој постигна 20 гола и имаше 18 асистенции, а неговото познавање на темпото и стилот на игра таму го прави привлечна опција за Њукасл.

Сандро Тонали има богато искуство во италијанското првенство – ја започна својата професионална кариера во Бреша, а во 2021 година се пресели во Милан, со кого стана шампион на Италија. Во летото 2023 година се приклучи на Њукасл за 60 милиони фунти.

И Јувентус и Њукасл се борат за место во Лигата на шампионите следната година. „Бјанконерите“ се четврти во Серија А, но конкуренцијата со Рома, Лацио и Болоња останува жестока. Њукасл, исто така, се наоѓа на четвртата позиција во Премиер лигата, а во недела ги очекува директен дуел со петтопласираниот Челзи.