Евра: Ако Аморим сака конкурентен тим Бруно мора да остане

Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед и француската репрезентација, Патрис Евра, се изјасни против заминувањето на играчот од средниот ред на „црвените ѓаволи“, Бруно Фернандеш.
Португалскиот интернационалец, околу кого се гради играта на 20-кратните шампиони на Англија, е трансфер цел на Ал-Хилал.
„Менаџерот сака да има конкурентен тим следната сезона. Ни требаат повеќе дефанзивци, добар напаѓач, можеби неколку играчи од средниот ред за да го поддржат Бруно. Слушнав дека Саудиска Арабија понудила навистина голема сума пари за Бруно и би било грешка Јунајтед да го пушти. Луѓето зборуваат за неговите 30 години, но тој е најважниот играч во тимот. Да не беше Бруно, можеби немаше да стигнеме толку далеку во Лигата на Европа“, изјави Патрис Евра за „Скај Спортс“.
Манчестер Јунајтед се квалификуваше за финалето на вториот најсилен европски турнир, каде што противник ќе им биде Тотенхем. Решавачкиот натпревар меѓу двата тима ќе се одржи на 21 мај во Билбао.