Клуб Америка и Лос Анџелес ќе се борат за последното мундијалско место

Со одлука на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), а потоа и со потврда од Арбитражниот суд за спорт, фудбалскиот клуб Леон беше исклучен од Светското клупско првенство бидејќи има иста сопственичка структура како Пачука.

Откако Арбитражниот суд за спорт ја отфрли жалбата на Леон и ја потврди одлуката на ФИФА, беше одлучено Лос Анџелес и Клуб Америка да се натпреваруваат за испразнетото место на Светското клупско првенство.

Во петокот беше потврдено дека двата тима ќе одиграат само еден натпревар на 31 мај.

Домаќин на овој дуел ќе биде Лос Анџелес.

Победникот ќе се пласира на Светското клупско првенство, кое ќе се игра за прв пат оваа година во нов формат, со 32 тима и тоа во рок од еден месец.

Лос Анџелес или Клуб Америка ќе играат во групата Д со Челзи, Есперанс од Тунис и Фламенго.