Вардар го врати Филип Талески

Од страна на РК Вардар 1961 официјално е потврдено дека македонскиот ракометар Филип Талески повторно ќе го облече „црвено-црниот“ дрес. Вардар со кратко видео го најавија кам-бекот на поранешниот репрезентативец на Македонија, кој по двете години минати во Бенфика се враќа на добро познато место.
„Со задоволство го потврдуваме враќањето на нашиот „бомбардер“ ФИЛИП ТАЛЕСКИ во дресот на Вардар. Уште многу вакви радости заедно да прославуваме. Добредојде Филип!“, се вели во објавата на клубот.
За потписотѕ на Филип Талески беше заинтересиран и Охрид, но неговиот конечен избор е Вардар 1961. Талески потекнува од школата на Металург, а рано замина во бундеслигашот Рајн Некар Левен (освои бундеслигашка титула), а во Германија играше во Балингем.
По враќањето во Македонија, со Вардар 1961 освои три шампионати и Купа на Македонија и имаше одлични настапи во овој период. На последните две големи натпреварувања, Талески не беше во дресот на македонската репрезентација.