Оклахома вторпат е НБА шампион, победена Индијана во драматична мајсторка

Оклахома Сити Тандер е новиот шампион во НБА лигата. За првпат во својата историја, тимот предводен од Марк Дано триумфираше во седмиот натпревар од финалето против Индијана Пејсерс со резултат од 103-91 и успеа да го крене шампионскиот пехар. Тандер имаа најдобар настап и во регуларниот дел од сезоната, а во плејофот ги елиминираа Мемфис Гризлис, Денвер Нагетс и Минесота Тимбервулвс.
Најкорисниот играч во регуларната сезона, Шеј Гилџес-Александер, беше предводник на Оклахома и во решавачкиот меч синоќа со 29 поени, 12 асистенции и 5 скока. Џејлен Вилијамс додаде 17 поени, а Чет Холмгрен 16.
Индијана ја загуби својата голема ѕвезда Тајрис Халибартон на средина од првата четвртина. Бекот, кој не беше целосно опоравен, но играше во шестиот натпревар од серијата, беше повреден и не можеше да продолжи.
Бенедикт Материн ја предводеше Индијана со дабл-дабл со 24 поени и 13 скока. Ти Џеј Меконел и Паскал Сиакам имаа по 16 поени.
Гилџес-Александер ја освои и наградата за најкорисен играч во финалето. Канаѓанецот имаше просек од 30,3 поени, 4,6 скока и 5,6 асистенции. Тој стана првиот играч по Шекил О’Нил во 2000 година кој ја заврши сезоната како најдобар стрелец во НБА, освојувајќи ја наградата за најкорисен играч и во регуларната сезона и во финалето. Оклахома Сити е седмиот различен шампион во НБА во последните седум сезони.