Стефан Спировски по петнаесет години се врати во Пелистер

Пелистер продолжува да ја реализира својата идеја за тим составен од млади и талентирани фудбалери, надополнети со проверени и искусни имиња и овојпат во Битола пристигна вистинско засилување со богата кариера зад себе.
Клубот денеска официјално го претстави Стефан Спировски, кој по цели 15 години се враќа таму од каде што тргна во зелениот дрес на Пелистер.
„Стефан Спировски од денес повторно е член на Пелистер! Искусниот фудбалер за врска потпиша договор со нашиот клуб и ќе претставува големо засилување во обидот да се исполнат целите во сезоната 2025/26“, стои во соопштението на битолскиот прволигаш.
34-годишниот Спировски во изминатите години играше за Борац Чачак, Работнички, Вардар, а играше и интернационален фудбал во Унгарија, Израел, Ерменија и Грција.
За македонската репрезентација има 55 настапи, и беше дел од генерацијата што настапи на Европското првенство во 2021 година.