Седлоски: Задоволен сум од играта и резултатот, на реваншот одиме да ја завршиме работата

Вардар ја оствари целта, славеше над Ла Фиорита од Сан Марино со 3:0 и голема предност ќе патува на реваншот од 1. коло во Конференциската лига на УЕФА.
По мечот, тренерот Гоце Седлоски беше задоволен од прикажаното од своите играчи, кои до триумфот дојдоа со добра игра во вториот дел.
„Сакам да им честитам на играчите, првиот дел беше во грч, затоа што некои играчи играат вакви мечеви за прв пат. Ваквите ривали се доста незгодни ако не им дадеш гол. Но, задоволен сум од вториот дел, измените ни донесоа разлика и заслужено победивме со три гола разлика. Во последните петнаесет минути имавме и повеќе шанси, кои мора во иднина да користиме. Некој да ми понудеше 3:0 пред меч ќе прифатев веднаш. Доста играчи од овие не беа во целост на подготовките. Новите играчи допрва треба да се докажуваат. Знаеме колку тежи вардаровиот дрес. Но, генерално сум задоволен од тимот и од изданието. Сите кои одиграа го дадоа максимумот“, изјави Седлоски.
Реваншот меѓу Ла Фиорита и Вардар во Сан Марино се игра на 17 јули. Победникот од двомечот игра со швајцарскa Лозана во втората рунда на Конференциската лига.