Трансферот на Ѓокереш во Арсенал пред откажување

Трансферот на Виктор Ѓокереш е во сериозна опасност да пропадне. Од Спортинг настојуваат на барањето за 80 милиони евра за да се разделат со 27-годишниот голгетер.

Од Арсенал пак, нема никаков знак веќе шест дена и почнува сериозно да се наѕира можноста никогаш да не биде достигната посакуваната сума од „зелено-белите“.

Арсенал првично понудија 55 милиони евра плус уште 10 милиони во форма на бонуси за шведскиот репрезентативец, но не поднесоа официјална понуда, бидејќи „топџиите“ сфатија дека се нереални надежите да ја финализираат зделката со такви параметри.

Понатаму лондонците ја зголемија понудата, но таа повторно се покажа како недоволна и зделката скоро пропадна. Потоа преговорите беа обновени, но во атмосфера на крајни позиции и напнатост. Договор сепак не беше постигнат и сега трансферот може комплетно да пропадне.