Дебакл на Брера со играч помалку во Кратово

Силекс оствари убедлива победа од 5-0 против АП Брера во последниот меч од првата рунда во Првата лига, кој се одигра во Кратово.
Гостите се држеа едно полувреме, а се чини дека пресуден момент беше 28. минута, кога останаа со играч помалку поради грубиот старт на Никола Величковски над Ѓорѓе Џеков.
АП Брера издржа со мирна мрежа до крајот на првото полувреме, но потоа комплетно потона. Португалскиот интернационалец Мигел Пиреш го отвори резултатот со удар со глава во 47. минута, по центаршутот на Рајков од десната страна. Кристијан Ефтимов зголеми на 2-0 шест минути по една одлична соло акција од левата страна, а третиот гол беше дело на Илија Донов во 57. минута.
Во финишот, уште два гола. Кристијан Велиновски се запиша меѓу стрелците во 85. минута, а во 90. минута, Мигел Пиреш со удар од далечина ги постави конечните 5:0 за Силекс.