Мундијалските билети многу поскапи од оние во Катар

Цените на влезниците за фудбалското Светско првенство следната година ќе се движат од 60 долари за натпреварите во групната фаза до 6.730 долари за финалето во Њу Џерси, но можни се промени поради воведувањето на динамичко определување на цените. Ова го пренесе агенцијата Асошиејтед прес.
Светското првенство ќе го организираат САД, заедно со Канада и Мексико, а во споредба со 1994 година кога само САД беа домаќини, цените се значително зголемени. Тогаш се движеа од 25 до 475 долари.
На првенството во Катар, во 2022 година, влезниците чинеа од 69 до 1.607 долари. Динамичко определување на цените беше применето и на оваа годинашното Светско клупско првенство, кога поради помала побарувачка, цените на полуфиналето Челси – Флуминенсе беа намалени од 473,90 долари на 13,40 долари.
„Главната порака е да ги купите билетите рано, особено ако знаете каде ќе бидете – бидејќи живеете во тој град или навивате за една од трите земји домаќини, па веќе знаете кога и каде ќе играат. Значи, порака е: Купете билети рано – потоа се’ е можно,” рече Хејмо Ширги, оперативен директор на Светското првенство.
Турнирот ќе се одржува од 11 јуни до 19 јули, и ќе се игра на 11 локации во САД, три во Мексико и две во Канада. Ова ќе биде прво Светско првенство со 48 репрезентации, наместо досегашните 32 екипи.
Првичниот период за поднесување барања за извлекување на билети ќе биде ограничен за корисници на Visa картички и ќе трае од 17 часот по средноевропско време на денот на отворањето до 17 часот на 19 септември.
Оние што ќе бидат избрани за купување на влезници ќе бидат известени од 29 септември, а ќе добијат и термин за купување, кој ќе започнува од 1 октомври.