Убедлив пораз на македонската У21 селекција во Краков

Репрезентацијата на Македонија до 21 година со пораз го отвори новиот квалификациски циклус за Европското првенство 2027 во Албанија и Србија. На гостувањето во Краков, Полска, нашите млади фудбалери загубија со 3-0.

Македонија го започна натпреварот цврсто и дисциплинирано, домаќинот немаше прилика за отворање на резултатот. Сепак, во 22. минута несреќен автогол на Зенделовски по акција на Пиенко донесе водство за Полска. До крајот на полувремето, Македонија имаше иницијатива, а најопасен момент беше ударот на Зенделовски во 42. минута, кој заврши покрај голот.

Вториот дел домашните го започнаа многу поофанзивно. Џеков двапати одлично интервенираше по обидите на Пиенко и Козубал, но во 65. минута беше немоќен при прекрасниот удар на Регула за 2:0. Веќе во 68. минута капитенот Пиенко со сличен шут ја зголеми предноста и ги постави конечните 3:0.

Во следното коло Македонија ќе биде домаќин на Италија во Битола, додека Полска ќе патува на гостување кај Ерменија.