Вардар за нијанса подобар во дербито со Охрид во Скопје

Ракометарите на Вардар 1961 по голема борба го совладаа Охрид со 33-31 (17-15) во рамките на третото коло во Суперлигата на Македонија.
Натпреварот кој се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ понуди навистина многу борба, пред сè бидејќи охриѓани не се откажаа во ниту еден момент иако често бркаа негатива.
За „црвено-црните“ ова беше прво сезонско дерби, а за гостите второ бидејќи на стартот гостуваа и ремизираа кај Алкалоид.
Урош Митровиќ беше прво име во Вардар со осум постигнати гола, а шест даде Вуко Борозан.
Во таборот на Охрид се истакна екс-вардарецот Дарко Ѓукиќ кој исто така даде осум гола. Што се однесува до голманите Васил Гогов фати десет топки, а кај гостите Чаневски имаше шест интервенции и Блажески две.