Ивановски: Потребна ни е сплотеност и заедништво за да излеземе од оваа криза!

Капитенот на Пелистер, Мирко Ивановски излезе со изјава по кризата во која западна битолскиот тим, а кулминираше со вчерашниот пораз од Башкими.

Пелистер нареди четири последователни порази од кои два на домашен терен во Битола од Арсими и Башкими. Во седумте одиграни кола битолскиот тим има две победи и пет порази. Алармот е вклучен.

„Како капитен сочувствувам со нашите навивачите во овој тежок момент за нашиот клуб и чувствувам потреба да им се обратам. Неочекувано западнавме во кризен период на игра и резултати и потребна ни е сплотеност и заедништво да излеземе од кризата. Се соочуваме со проблеми од разен тип, меѓу нив и повреди, но ако сме сите заедно верувам дека ќе излеземе од негативниот момент. Очекувам поддршка за оваа млада екипа, затоа што сезоната е долга, а во неа имаме многу цели за исполнување.

Сакам да им го честитам почетокот на прославата на 40-годишнината на навивачката група „Чкембари“ и ветувам подобри денови. Овој роденден се поклопува со 80-от роденден на нашиот клуб и убеден сум дека заедно ќе славиме сезонава“, рече капитенот.