Инциденти на изборното собрание на Бенфика

Изборното собрание на португалскиот фудбалски гигант Бенфика беше прекинато денеска поради физичка пресметка што се случи меѓу членовите на собранието на лисабонскиот клуб.

Две собранија на Бенфика беа закажани за денеска, првото за анализа на финансиската состојба од претходната сезона, а второто за дискусија за изборните прописи.

Првото собрание заврши до крај, но страстите се разгореа за време на второто собрание кога потенцијалните кандидати за нов претседател почнаа да се појавуваат на главната сцена. Речиси сите кандидати кои успеаја да зборуваат за своите програми жестоко го нападнаа сегашниот претседател на клубот и поранешен португалски репрезентативец, Руи Кошта.

Претседателската позиција на Кошта, која датира од 2021 година, е сè понеизвесна, првенствено поради лошите резултати во последните години. Бенфика освои само една португалска титула во последните пет сезони. Во меѓувреме, Кошта ја загуби и довербата на навивачите.

За време на говорот на Луис Филипе Виеира, неколку присутни во салата влегоа во физичка пресметка, по што собранието беше прекинато. Изборот на новиот претседател е закажан за 25 октомври.