Шкендија го доби дербито со Силекс и се искачи на врвот на табелата

Шкендија забележа уште една победа сезонава во ПМФЛ, трета по ред откако денеска го совлада и тимот на Силекс со 2-0. Тетовскиот тим ја искористи првата сериозна шанса, потоа успеа да се одбрани за на крај да стави „печат” на трите бода.

По првиот дел немаше голови. Во првите 45. минути се играше главно на средината, со неколку нафрлени топки пред двата гола, но без посериозна шанса.

Конечно нешто конкретно на мечот се случи во 50. минута, и од тоа произлезе водство на Шкендија. Бесарт Ибраими од левата страна проби, и се одлучи на удар, упати силен шут кој го изненади голманот Џеков и топката заврши во мрежата.

Силекс веднаш нападна да израмни. Најдобрата шанса ја имаше Алиќ кој беше изблокиран од Вебстер. Првиот удар кон голот на Гаје екипата на Силекс го упати во 57. минута преку Донов, меѓутоа голманот на Шкендија беше на место. Гаје беше на место и одбрани во корнер по ударот на Ефтимов во 78.минута од левата страна. Подоцна се обиде и Додев чиј удар заврши над голот на домашниот тим.

Офанзивниот пристап на Силекс отвори можност за Шкендија да го реши победникот. Во 84.минута удар на Мазари од дваесетина метри, но Џеков беше сигурен.

Сериозна шанса за „егал” Силекс имаше и во 90.минута преку Говедарица, но Гаје беше одличен. Од истата акција Бутуровиќ беше во идеална позиција, но не успеа.

Шкендија во финишот успеа да ги казни неискористените шанси на Силекс. Во втората минута од судиското надополнување Красниќи постигна речиси идентичен гол како претходно Ибраими, само од десната страна, за ставање на крај на неизвесноста околу победникот на овој дуел.