Младиот Пелистер попушти во финишот и загуби на гостувањето кај Струга

Пелистер беше на чекор до реми и да се врати со еден бод од гостувањето кај водечкиот тим на табелата, но една деконцентрација во 85. минута донесе водечки гол на Струга Трим Лум, кој подоцна беше потврден и со втор погодок. Финалните 2-0 (0-0) се преголема казна за младиот тим од Битола, кој почна со Мрмачовски и Крстевски во стартниот тим и со формација 3-5-2 целосно ја неутрализира играта на домаќинот.

Струга Трим Лум се обиде да направи ран притисок, но Јовчевски со неколку сигурни интервенции успеа да го сочува својот гол. Подмладениот тим на битолчани успеа да парира на стартот од мечот трудејќи се да има поголем посед, па офанзивците на домаќинот предвидени од Компаоре, кои статистички се меѓу водечките во првенството, не добија шанса да се истакнат.

Во 21. минута домашните ја создадоа првата посериозна шанса, Компаоре беше проигран од Бојку, но биеше со глава над голот. Некои десет минути подоцна, капитенот Бунјамин Шабани се обиде самостојно да ја заврши работата, но откако продре до шеснаесетникот на Пелистер, шутираше покрај левиот дирек. Битолчани се обидуваа да организираат контра напади, но најчесто не стигаа да упатат шут, па дури на крајот од првиот дел ја забележаа првата изгледна шанса преку Стефан Спировски кој биеше покрај голот.

Иако судијата Стојанче Стојанов почитуваше предност во повеќе наврати, до крајот на првиот дел покажа два жолти за Крстевски и Ивановски, а во вториот дел уште четири пати се фати за џебот, но само еден картон од тие беше наменет за домаќините, поточно за Хамза во 55. минута.

И двата тренера направија измени во средината на вториот дел, при што Бленди Шкемби ги воведе во игра Воша, Зенку и Малески, додека во отсуство на Димитар Капинковски (селектор на репрезентацијата до 18 години) неговите помошници во истиот период им дадоа шанса на Ангелевски, Ристиќ и Петковски. Во финишот, очекувано овие фудбалери оставија најголем печат во случувањата на теренот, па токму Христијан Малески беше оној им се приклучи на Компаоре и Радески, а во 85. минута беше оној што успеа да ја затресе мрежата на Андреј Јовчевски.

Тоа „им ги скрати крилјата“ на битолчани кои се помирија со петтиот пораз во низа ова првенство, а воедно единаесетти по ред во меѓусените првенствени мечеви со Струга. Темпото на игра опадна, но сепак, на крајот, во судиското надополнување, односно 94. минута, Христијан Малески повторно се запиша во листата на стрелците и го постави конечниот резултат од 2:0.

Пелистер во следното коло ја пречекува Шкендија во Битола.