Алкалоид го задржа ростерот на играчи, а со тоа и високите амбиции за Европскиот клупски куп во шах!

Еден од најважните шаховски настани во текот на годината е Европскиот клупски куп, турнир кој традиционално се одржува кон крајот на сезоната, но кој претставува епицентар на шаховските збиднувања поради интересот кој го побудува и квалитетот што го нуди. Популарно наречен шаховска верзија на Лигата на шампионите, ЕКК секоја година го собира кремот, но не само од Европа.

Шаховскиот клуб Алкалоид неколку децении го гради својот имиџ доминирајќи на домашно тло, а веќе има и повеќедецениска традиција на учество на ЕКК, при што во три наврати беше освојувач на медали: во 2016 година беше шампион на Европа, а во 2017 и во 2024 година вицешампион. Евидентно и јасно видливо е управувањето и водењето на клубот од најдобрата македонска компанија „Алкалоид“ АД со пресликување на корпоративните искуства и знаења во клубот.

Оваа година на грчкиот остров Родос ќе се игра јубилејното 40-то издание на главниот/отворен ЕКК (може да учествуваат машки, мешани и женски тимови), на кое е пријавен и Алкалоид, а паралелно ќе се игра и 29-тото издание на женскиот ЕКК (учествуваат само женски тимови). Според објавените состави, оваа година конкуренцијата за највисок пласман на ЕКК е најсилна во последните 10-ина години. Пет тимови се издвојуваат според просечниот рејтинг на играчите од својот тим, притоа со повеќе од 2700 се BayeganPendik (Турција) и Алкалоид, а веднаш до нив со просечен рејтинг над 2600 се SuperChess (Романија), Novy Bor (Чешка) и Tuxera (Унгарија). Фактор повеќе е што оваа година има рекорден број на учесници од 101 тим (односно од 20 тимови кај дамите).

Во тимот на ШК Алкалоид има само две измени, односно:

– во составот ќе настапат индиските велемајстори Arjun Erigaisi (2797), Chithambaram Aravindh (2711) и Abhimanyu Puranik (2615); кинеските велемајстори Yi Wei (2754) и Yangyi Yu (2720); српските велемајстори Aleksandar Inđić (2618) и Velimir Ivić (2628), како и македонскиот интернационален мајстор Тони Лазов (2382);
– Erigaisi i Wei се во топ 10 од светската елита, Yu и Aravindh во топ 30, додека, пак, Inđić, Ivić и Puranik во септември беа во топ 100;
– Yu има фантастичен настап за Алкалоид на ЕКК со освоени пет медали (три злата и две бронзи) за резултатот на својата табла, додека, пак, на своите први настапи минатата година за Алкалоид Erigaisi на првата табла освои злато, а, пак, Aravindh на четвртата табла бронза;
– српските велемајстори како репрезентативци на Србија ја освоија европската шампионска титула во 2023 г., а Inđić следната година стана европски шампион во поединечна конкуренција. За Алкалоид настапуваа и на екипните државни првенства во 2021 (Inđić), односно во 2023 (Ivić) година. Првпат за алкалоидовата екипа на ова најсилно европско клупско натпреварување ќе настапат Puranik и Лазов, објаснува капитенот на тимот, велемајсторот Влатко Богдановски.