Фиорентина му врачи отказ на Стефано Пиоли по катастрофален старт на сезоната

Фиорентина официјално се раздели со тренерот Стефано Пиоли, по само 10 кола во новата сезона од Серија А, во кои тимот не успеа да оствари ниту една победа. Виолетовите запишаа 6 порази и 4 ремија, а последниот неуспех против Лече беше капката што ја прели чашата.
Раководството на клубот, предводено од техничкиот директор Роберто Горети и генералниот менаџер Алесандро Ферари, донесе брза одлука поради сè поголемото незадоволство од резултатите. Финансискиот аспект на раскинувањето на договорот, вреден повеќе од 3 милиони евра годишно, со важност до 2028 година, бил меѓу клучните прашања во процесот.
Фиорентина неодамна се раздели и со спортскиот директор Даниеле Прадe, што укажува на подлабоки промени во структурата на клубот.
Како главен кандидат за наследник на Пиоли се споменува Паоло Ваноли, додека како привремено решение се разгледува можноста младиот тренер Даниеле Галопа да биде унапреден од младинскиот погон.
Пиоли, кој во минатото го предводеше Милан до титулата во 2022 година и работеше со славни имиња како Кристиано Роналдо во Ал Наср, не успеа да го пренесе успехот во Фиренца. И покрај имињата како Един Џеко и Моизе Кин во нападот, тимот има сериозни проблеми со ефикасноста и резултатите.
Сепак, клубот останува фокусиран на подобрување во наредниот период, особено затоа што води во групната фаза од Конференциската Лига и сака со нов тренер да го врати позитивниот ритам и во Серија А.