Тата Мартино се враќа во Атланта

Американскиот фудбалски МЛС лигаш Атланта повторно го ангажираше Херардо „Тата“ Мартино како тренер, потпишувајќи договор со аргентинскиот стратег до 2027 година. Мартино се враќа во клубот што го водеше до шампионската титула во МЛС лигата во 2018 година, кога беше прогласен за тренер на годината.
„Овој момент не е враќање во минатото, туку можност да поставиме нов темел и да продолжиме да еволуираме во согласност со барањата кои ги носи редовната борба за врвот во МЛС“, рече сопственикот на клубот Артур М. Бланк.
Мартино пред речиси една година го напушти Интер Мајами од лични причини, по една сезона во клубот. Во текот на својата кариера, Аргентинецот освои 11 трофеи на клупско и репрезентативно ниво во Северна и Јужна Америка, како и во Европа.
Интер Мајами го ангажираше во јули 2023 година, во моментот кога Лионел Меси го имаше своето деби за клубот. Мартино претходно го тренираше Меси во Барселона и во репрезентацијата на Аргентина, а двајцата ја обновија соработката во Мајами.