Заминаа тренерот и спортскиот директор на Македонија ЃП

Ситуацијата во Македонија Ѓорче Петров станува уште покомплицирана, тренерот Бобан Грнчаров поради ненадминливи разлики со новите сопственици на клубот си поднесе оставка.

Во изминатите денови фудбалерите штрајкуваа поради неисплатени плати, а новиот сопственик наместо да среди ситуацијата, тој со своето однесување дополнително го зголеми гневот кај фудбалерите и стручниот штаб.

Тој решил да го замрзне статусот на фудбалерите, а утрешниот меч против Шкендија да го игра со младинци. Поради актуелната ситуација Бобан Грнчаров си поднесе оставка од тренерската функција, а со него од клубот заминува и спортскиот директор, Александар Бајевски.

„Би сакал да ја информирам македонската јавност дека од денеска не сум веќе шеф на стручниот штаб на Македонија Ѓорче Петров.
Од клубот се разделувам со тага и жал, но и горд со сѐ што сторив во овие година и пол, заедно со фудбалерите, тренерите од стручниот штаб и директорот Александар Бајевски. Откако дојдоа новите газди, се појавија ненадминливи разлики околу концептот на водење на клубот, особено по нивната одлука утрешниот меч со Шкендија да го играме со младинци. Сакајќи да си го оставам образот чист, решив веднаш да се повлечам. Резултатите кои ги оставам зад мене доволно говорат за мојата работа во Македонија ЃП.

Ланската сезона триумфално минавме низ Втората лига и експресно се вративме во елитата, а годинава успеавме да го стабилизираме клубот во средината на табелата со шанси да се вмешаме во борба за некои од погорните места. На новите газди и на мојот наследник му посакувам среќа и успех во работата што им претстои“, пишува во соопштението на сега веќе поранешниот тренер на Македонија ЃП.