Хаидарирад: Фановите ќе видат борбен тим со желба за победа

По три недели се враќа Лигата на шампионите и натпреварот на неделата меѓу Еурофарм Пелистер и ПИК Сегед. На еден од последните тренинзи пред дуелот во среда навечер со новинарите зборуваа тренерот и голманот на шампионот на Македонија.
Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Ќе имаме нов тежок меч во Лигата на шампионите, Сегед е одличен тим со неверојатни играчи на сите позиции. Одбраната им е гранитна, шутираат од секаде, особено од далечина. Во екипата е еден одличен голман и можеби едно од најдобрите крила во натпреварувањето, но ние ќе се обидеме да им ги поматиме сметките. Се надевам дека тимот наскоро ќе биде комплетен, тоа ќе биде одлично за нас. Против ПИК Сегед ќе го дадеме нашиот максимум, мојата порака до фановите е дека ќе видат борбен тим со желба за победа.
Саид Хаидарирад
(РК Еурофарм Пелистер)
Се вратив бргу, најмногу благодарение на медицинскиот тим, кој заврши одлична работа. Повредата е во минатото, сега се фокусираме на мечот со Пик Сегед. Очекувам добар резултат и со голем оптимизам го очекуваме дуелот. На сите противници им е тешко во пеколната атмосфера пред нашите гледачи. Нашиот дом е тешко освоив за сите ривали, а тоа ќе го докажеме и на следниот натпревар против Сегед. Мислам дека сме на добар пат, одлично тренираме, тимот е расположен и се наоѓа во позитивен моментум. Не го гледав дербито во Унгарија помеѓу Веспрем и ПИК Сегед затоа што и ние игравме во истиот термин, но од тоа што чув, следниот ривал прикажал извонредна игра. Таму има многу добри и искусни ракометари, затоа мора да сме свесни дека овој меч ќе биде исклучително тежок за нас.
Двете екипи за осум дена во Унгарија ќе играат во рамките на осмото коло на групната фаза на Лигата на шампионите.