Туансебе го тужи Јунајтед за небрежност при лекување на повреда

Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед, Аксел Туанзебе, го тужи клубот за 1 милион фунти (1.300.000 евра) поради наводна „клиничка небрежност“ во третманот на повреда на грбот, тврдејќи дека таа му предизвикала „сериозни“ и долгорочни проблеми.

Туанзебе, кој поминал низ познатата фудбалска академија на клубот, ја поднесе тужбата во Високиот суд уште во јули, а сега се откриени клучни детали од случајот.

Главната поента на тужбата се однесува на стрес фрактура на долниот дел од ‘рбетот (фрактура на pars interarticularis) што ја претрпел во јануари 2020 година. Судските документи наведуваат дека повредата му предизвикала на играчот „значителна болка и непријатност од нејзиниот развој и влошување“.

Проблемот, се тврди, станал хроничен во јули 2022 година, кога Туанзебе ја претрпел истата повреда, но на десната страна од долниот дел од ‘рбетот. Во тужбата се наведува дека соодветен третман веројатно би спречил подоцнежни компликации.

„Соодветните планови за лекување веројатно би резултирале со тоа што тужителот би ја избегнал болката и непријатноста наведени подолу и би му овозможиле да игра професионален фудбал на елитно ниво без ограничувања или пречки“, се наведува во документите.