Рутински совладана Струга, пелистерци се загреаја за дербито со Вардар

Шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер, очекувано славеше против Струга со 22-42 во првиот натпревар по раскинувањето на договорот со тренерот Рубен Гарабаја. Натпреварот од 15. коло од Суперлигата се одигра во Битола, наместо претходно најавеното во Струга. Стручниот штаб на битолчани им даде слободно попладне на Хаидарирад, Абутовиќ, Манасков, Радивојевиќ, Хосни и Пешевски.

Пелистерци мечот го реши во првото полувреме по кое имаше предност од +6, а во вториот набрзина дојде до двоцифрено водство за мирен финиш. Очекувано се штедеа сили, па голем дел од ракометарите не се најдоа во составот, а и оние стандарните беа на клупа.

Никола Митревски беше на голот во второто полувреме и запиша 11 одбрани, додека Давид Брестовац бранеше во првиот дел и имаше 8 интервенции. Прв стрелец беше Петар Атанасијевиќ со 12 гола, зад него беше Кузмановски со седум. Кај поразениот тим Стефан Атанасовски запиша осум гола.

Во следното 16. коло Еурофарм Пелистер в среда ќе го пречека тимот на Вардар 1961.