Лазаров: Да ги подобриме психолошката подготовка и самодовербата пред Европското првенство

Од вчера македонската ракометна репрезентација е комплетна и со доаѓањето на Мартин Томовски со сите сили ја одржува формата пред турнирот во Швајцарија и подоцна патот за Хернинг. Селекторот потенцира дека менталитетот е многу важен и само со правилен пристап можеме да се надминеме себеси во Данска.

По вечерашниот тренинг Лазаров зборуваше со новинарите.

„Планираното го остваривме и треба да знаеме дека трениравме доста интезивно овие осум дена, каде што првиот дел од поделивме на два дела, во Скопје и во Хрватска. Имавме идеални услови, особено во Хрватска за тренинг, бидејќи имавме на располагање сала во хотелот, имавме фитнес центар. Имавме одлична контролна средба, со оглед на интезитетот на тренирање, задоволен сум од натпреварот. Знам дека имаме доста работи за поправање, но ни остануваат 15 дена, знаеме што треба да работиме и на што да обрнеме внимание.

Секогаш зборувам за нашиот менталитет, малку можеби сум здодевен, но тоа е така. Психолошка подготовка и самодовербата мора да ги поправиме, знам дека тоа тешко се менува поготово кога играчот ќе стигне до одреден број на години, не можеш да му промениш одредени навики кои ги има стекнато како мал, но одиме на тоа да го промениме тој менталитет и дека треба да веруваме во невозможното“, рече селекторот Кире Лазаров.

Селекторот ќе го направи последниот пресек на списокот пред патот за Швајцарија, каде нашите ракомегари ќе го имаат последниот тест пред Европското првенство.