Максимилијан Ибрахимович се сели во Ајакс – продолжување на семејната традиција

Ајакс постигна договор за ангажман на Максимилијан Ибрахимович, 19-годишниот син на легендарниот Златан Ибрахимович, кој пристигнува од редовите на Милан. Станува збор за позајмица до крајот на сезоната со опција за откуп, со што младиот крилен напаѓач се враќа во клубот каде што неговиот татко ја започна блескавата професионална кариера.
Преговорите беа завршени брзо, а трансферот го потврдија и реномирани извори блиски до пазарот. Милан во договорот обезбеди и клаузула за процент од идната продажба, со што го заштити својот интерес.
Позајмицата важи шест месеци, а Ајакс ќе има можност да го откупи договорот за сума од околу 3,5 милиони евра. Интересно е што трансферот бил договорен лично од Златан Ибрахимович, без вклучување на агенти, што дополнително ја нагласува врската меѓу семејството Ибрахимович и холандскиот гигант.
Документацијата е во завршна фаза, а Максимилијан веќе нема да настапи за развојниот тим на Милан на следниот натпревар.
Максимилијан сезонава настапуваше за Милан Футуро во Серија Д, каде остави солиден впечаток со 5 голови и 4 асистенции во 16 натпревари.
Во Ајакс, младиот Ибрахимович ќе биде дел од генерација во која се наоѓа и Дамијан ван дер Варт, син на поранешниот ас и легенда на клубот, Рафаел ван дер Варт.