Светскиот првак пресилен, Македонија загуби во Хернинг од Данска

Македонската машка ракометна репрезентација загуби од Данска со 36-24 (17-12) во првиот натпревар на Европското првенство. Во натпревар од кој реално немавме големи очекувања, нашиот настап треба да биде само вовед во она што ги очекува репрезентативците во продолжението од првата фаза.
Избраниците на Кире Лазаров покажаа борбеност, мотивираност и квалитет и против селекција каква што е Данска, првото полувреме кодомаќинот го доби со 17-12, а во продолжението успеа да изгради и поголема предност. Фаворитот на крајот славеше со 36:24 пред своите фанови во Хернинг, а Македонија сигурно ќе извлече и добри моменти, односно ситуации во кои му се спротивставуваше на актуелниот светски шампион.
Серафимов со шестголови беше најефикасен во нашата репрезентација, Митев и Кузмановски постигнаа по четири, додека на спротивната страна доминираа Питлик со девет и Гидсел со осум голови. Нашата репрезентација во недела веќе има нов предизвик и соочување со Португалија, репрезентација која исто така има една победа откако ја совлада Романија во првиот натпревар од групата.