Македонија извлече реми со Португалија, капитенот Кузмановски постигна петнаесет гола

Македонија го освои првиот бод на Европското првенство во ракомет во Скандинавија. Македонската ракометна репрезентација покажа дека може да се носи со амбициозна селекција каква што е Португалија, а на крајот ни недостасуваше и спортска среќа во намерата да направиме и изненадување и да стигнеме до голема победа (29-29).

Избраниците на Кирил Лазаров извонредно одговорија на тактичките барања кои ги имаше селекторот, па откако се вратија од „минус пет“ и ја надминаа кризата, се доведоа во ситуација да размислуваат и на победа по две брилијантни одбрани на Томовски.

Вториот голман на македонската репрезентација покажа класа со изданието во вториот дел, со што само се надоврза на бруталната партија на капитенот Филип Кузмановски кој постигна 15 од вкупно 29 голови.

Во трилер завршницата на која сите сведочевме во Хернинг, Томовски со втората одбрана во неколку секунди овозможи завршен напад за Македонија, но Серафимов ја испушти топката и тука пропадна надежта дека можеме да стигнеме и до победа. Завршните 29:29 против полуфиналистот на последното Светско првенство е уште еден доказ дека Македонија може да се надигрува со најдобрите, а тоа е добра препорака за последниот натпревар кој следи, оној против Романија.

Најдобар играч на мечот беше Филип Кузмановски со 15 постигнати гола, додека Мартин Велковски и Павле Атанасијевиќ погодија по четири пати. Кај голманите, јунакот Мартин Томовски забележа осум одбрани, а Никола Митревски имаше три. Кај Португалија, Франциско Коста имаше 11 гола.