Тами Абрахам се враќа на Вила Парк: Падна договор со Бешикташ

Астон Вила постигна начелен вербален договор за враќање на Тами Абрахам во своите редови. Напаѓачот, кој остави одличен впечаток за време на позајмицата на Вила Парк во сезоната 2018/19, веќе подолго време инсистира на овој трансфер, а личните услови ги договори уште пред неколку дена. Единствената преостаната пречка до официјалната промоција се задолжителните медицински прегледи.
Целиот договор е проценет на фиксни 21 милион евра, со дополнителни бонуси зависни од неговиот учинок. Како дел од зделката, во спротивен правец кон Истанбул ќе замине младиот Јасин Озџан. Деветнаесетгодишниот турски талент, кој Вила го ангажираше од Касимпаша и го прати на калење во Андерлехт, беше клучниот услов на Бешикташ за прифаќање на понудата.
Мотивацијата на Абрахам за камбек во елитното англиско друштво се поклопува со плановите на Унаи Емери, на кого му е потребна поголема ротација и поддршка за Оли Воткинс. Со својата физичка доминација и игра со глава, кои дополнително ги усоврши во турската Суперлига, Абрахам се очекува брзо да ја врати формата која ја прикажуваше во Челси и Рома. Астон Вила планира да ги формализира сите документи до крајот на јануари, со што ќе се реализира емотивното враќање на напаѓачот во Бирмингам.