Челси го повлече Анселмино од Дортмунд: Аргентинецот веднаш се враќа на Стемфорд Бриџ

Челси одлучи да ја активира клаузулата за предвремено враќање на 20-годишниот аргентински дефанзивец, Арон Анселмино, од неговата позајмица во Борусија Дортмунд. Младиот стопер веќе следната недела ќе му се приклучи на првиот тим во Лондон, откако германскиот клуб беше официјално известен за прекинот на соработката, која првично требаше да трае до јуни 2026 година.
Анселмино остави одличен впечаток во Германија, забележувајќи 10 настапи во Бундеслигата и Лигата на Шампионите. Под водство на Нико Ковач, тој стана клучна фигура во одбраната покрај Нико Шлотербек, покажувајќи конзистентност и форма која кулминираше непосредно пред зимската пауза. Иако договорот беше потпишан минатото лето, Челси ја задржа опцијата за отповикување токму за вакви ситуации.
Враќањето на Аргентинецот доаѓа во критичен момент за новиот менаџер Лиам Розениор, кој се соочува со сериозни проблеми поради повреди во дефанзивната линијал. Анселмино, кој пристигна од Бока Јуниорс во јануари 2025 година за околу 15,6 милиони фунти, сега ќе добие вистинска шанса да се наметне во Премиер Лигата по краткиот, но успешен престој во Дортмунд. Од таборот на Борусија потврдија дека соработката е прекината согласно со условите во договорот.