кошарка

Реал и Барса со порази го почнаа евролигашкиот плеј-оф

Тешки порази доживеаја шпанските великани Барселона и Реал, во првите четвртфинални натпревари во Евролигата. Монако ја победи Барселона со 97:81, а Олимпијакос со 84:72 славеше против Реал.

Кошаркарите на Монако во третиот период го решија мечот кога се одлепија од противникот на +17 и успеаја да сочуваат голема предност и до крајот да го одбранат домашниот терен.

Монако го предводеа Мајк Џејмс и Даниел Теис со по 22 поени, а одличен беше и Ели Окобо со 19 поени и седум асистенции.

Кај Барселона, Кевин Пантер беше најдобар со 16 поени и два скока, Дарио Бризуела додаде 13, колку што постигна и Фал кои имаше и 14 скокови.

Олимпијакос, за разлика од Монако, во првата четвртина ја најави победата, а практично го реши натпреварот до полувремето кое го доби со 47:29.

Саша Везенков беше најефикасен со 23 поени и седум скока.

Го следеа Еван Фурние со 13 поени и Никола Милутинов со 11 поени и осум скока. Најдобар во тимот на Реал беше Серхио Љуљ со 16 поени, додека двоцифрен беше само уште Марио Хезоња со 13 поени.


Барцокас претпазлив пред почетокот на серијата меѓу Олимпијакос и Реал

Тренерот на кошаркарите на Олимпијакос, Јоргос Барцокас, проговори за пресметките со Реал Мадрид во плеј-офот во Евролигата.

„Работевме напорно за да бидеме на првото место и да добиеме полесен противник. Сега се фокусираме на првиот натпревар. Имаме на располагање повеќе играчи и ќе ги одбереме најдобрите“ – рече Барцокас.

„Годинава ги победивме сите, не сакам да правам споредби. Реал одмораше дел од клучните играчи“ – рече тренерот на грчкиот состав.


Пејтон Причард e најдобра резерва во НБА лигата

Кошаркарот на Бостон Селтикс, Пејтон Причард е прогласен за најдобар шести играч во НБА лигата.

Споменатата награда се доделува на кошаркарот кој дава најголем придонес од клупата. Очекувано, Причард славеше пред Малик Бисли од Детроит и Тај Џером од Кливленд.

Бекот на франшизата од Масачусетс имаше просек од 14,3 поени, со 40 отсто реализција во шутот за три поени, што е и негово главно оружје. Во регуларниот дел погоди 255 тројки.

Во лигата е од 2020 година, кога Селтикси го избраа како 26-ти пик во првата рунда на драфтот, а студираше на универзитетот Орегон.


Кошаркарскиот плеј-оф продолжува во среда

Кошаркарската федерација ја информира јавноста дека деновиве ќе бидат подмирени долговите кон судиите што значи дека ќе може да продолжи натпреварувањето во машка и женска конкуренција.

Раководството на КФСМ одржа состаноци со претставниците на клубовите од Првата МТЕЛ лига (мажи) каде беше унифициран ставот дека во моментов како и останатите спортски клубови во државата, не се во можност да ги подмират своите долгови поради неисплатените финансиски субвенции од соодветниот надлежен орган.

Во очекување на исплатата на државните субвенции, а во интерес на кошарката, соодветните канцеларии за натпреварување при КФСМ, за младински и за сениорски лиги, ќе извршат делегирање на натпреварите за тековната седмица за продолжување на првенството“ -се вели во соопштението на КФСМ.


Димитријевиќ заради Месина заминува од Милано

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ веројатно ќе го напушти Милано по само една сезона.

Димитријевиќ пристигна во Милано претходното лето, зад себе има солидна сезона (7,6 п, 2,9 ас) и неколку забележителни натпревари (на Реал му даде 22 поени, на Панатинаикос 15, на Фенербахче 15…), но тренерот Еторе Месина во моментов не смета на него.

Последниот меч за Милано Димитријевиќ го одигра на почетокот на април, против Реџана во лигата (9 мин, 4 п.).

Тој отсуствуваше на следните три натпревари, а италијанските медиуми пренесуваат дека Македонецот ќе го напушти тимот на крајот од сезоната иако има уште една година од договорот со клубот.

Неговиот поранешен клуб Уникс, каде Димитријевиќ ги одигра најдобрите натпревари во кариерата, сака да го врати во своите редови.

„Проблемот е што тој има договор со Милано и за следната сезона. Ненад сака да игра, а ние се обидовме да го доведеме пред почетокот на плеј-офот, но Месина беше тврдоглав. Очигледно, Месина не ја сака Русија иако работеше тука долги години со голем успех”, изјави долгогодишениот функционер во клубот, Евгениј Богачев.


Познати кандидатите за МВП на НБА-сезоната

Оваа година во трката за најкорисен кошаркар (МВП) во НБА лигата се Никола Јокиќ, Шеј Гилџис-Александер и Јанис Адетокумбо.

Никола Јокиќ ја заврши регуларната сезона со просек на трипл-дабл, Гилџис-Александер беше најдобар стрелец во лигата како лидер на Оклахома Сити Тандер, додека Јанис Адетокумбо беше веднаш зад него според индивидуален учинок.

Кај тренерите најголемото изненадување го предизвика отсуството на тренерот на Оклахома, Марк Дењолт, кој со својот тим забележа дури 68 победи и го имаше најдобриот биланс во регуларниот дел од сезоната.

Наместо него, за тренер на годината се номинирани Кени Аткинсон (Кливленд), Џеј Би Бикерстаф (Детроит) и Име Удока (Хјустон).

Во конкуренција за „Дебитант на годината“ се Закај Рисашер од Атланта, Џејлен Велс од Мемфис и Стефон Кестл од Сан Антонио.

НБА објави и финалисти за наградата за најдобар шести играч – Пејтон Причард (Бостон), Малик Бизли (Детроит) и Тај Џером (Кливленд).

За најдобар дефанзивец, пак, номинирани се Дрејмонд Грин (Голден Стејт), Дејсон Даниелс (Атланта) и Еван Мобли (Кливленд). Даниелс се најде и во конкуренција за играч кој најмногу напредувал оваа сезона, заедно со Ивица Зубац (ЛА Клиперс) и Кејд Канингем (Детроит).


Грчките гиганти го сакаат Ти Џеј Шортс

Кошаркарот на Париз, натурализираниот Македонец Ти Џеј Шортс одигра историска сезона во Евролигата и со своите фантастични партии го одведе тимот во плеј-офот на дуел против Фенербахче.
Македонскиот плеј Ти Џеј Шортс желба на евролигашите Панатинаикос и Олимпијакос.

Со своите игри во најквалитетното европски натпреварување македонскиот репрезенативен плејмејкер го привлече вниманието на најбогатите клубови од Стариот континет.

Според информациите на „BasketNews“ бекот на Париз летово ќе биде еден од најбараните и најскапи кошаркари во Европа.

За феноменалниот плеј голем интерес веќе искажаа неколку екипи, како Панатинаикос и Олимпијакос, но доколку некој тим сака да го ангажира ќе мора да издвои неверојатна цифра од 2.000.000 евра.

Според извори на „Баскет Њуз“, заинтересираните веќе се натпреваруваат, па во оптек е сумата од 2.500.000 евра, а постои можност таа дополнително да се зголеми доколку во трката за македонскиот бек се вклучи уште некоја екипа.

175 санитиметри високиот Ти Џеј сезонава во Евролигата има просек од 18,8 поени, 2,7 скока, 7,5 асистенции и една украдена топка за просечни 23,2 индексни поени по натпревар.


Попович пуштен на домашно лекување

Тренерот на Сан Антонио Спарс, Грег Попович е дома и се чувствува добро откако вчера додека вечерал во локален ресторан му се слошило и бил пренесен во болница.

Американските медиуми објавија дека службите за итни случаи одговориле на повикот дека некој се онесвестил во ресторанот.

Попович го пропушти поголемиот дел од оваа сезона поради „благ мозочен удар“ што го доживеа на 2 ноември.


Петрушев се враќа во НБА лигата

Српскиот кошаркар Филип Петрушев бележи во просек од 14,1 поен и 4,9 скока во Евролигата.

„Сакам што поскоро да се вратам во НБА-лигата. Подобро е да го направам тоа сега отколку кон крајот на кариерата. Немав среќа во Филаделфија. Кога почнав да играм, ме трејдуваа. Сега ја вратив самодовербата и сакам да добијам втора шанса“, изјави Петрушев.

Крилниот центар има клаузула во својот договор со Олимпијакос дека може веднаш да замине во САД доколку добие понуда од некој НБА клуб.


Реал пресилен за Баерн, „кралевите“ последен учесник во плеј-офот

Кошаркарите на Реал Мадрид го совладаа Баерн со 93-71 во последниот натпревар одигран во рамките на плеј-ин во Евролигата.

Реал ја комплетира листата на учесници во плеј-офот, во четвртфиналето ќе игра против Олимпијакос.

Избраниците на Чус Матео го диктираа ритамот од стартот на мечот, во ниту еден момент не му дозволија на Баерн да се врати и забележаа рутинска победа. Реал во првите десет минути ги реши сите дилеми кога оствари предност 33:17. Тимот од Минхен беше ослабен, Карсен Едвардс остана надвор од тимот поради повреда.

Кај Реал Мадрид најрасположен беше Марио Хезоња со 19 поени со седум скока и една асистенција, а го следеше Џанан Муса со 16 поени и пет скока.

Двоцифрени беа и Алберто Абалде со 13 поени и три асистенции, Факундо Кампацо со 12 поени, четири скока и пет асистенции, како и Валтер Таварес со 10 поени и три скока.

Кај Баерн се истакна Шабаз Напиер со 19 поени, четири скока и три асистенции, а го следеше Андреас Обст со 12 поени и три скока.

Двоцифрен беше и Девин Букер со 10 поени и три скока.

Плејо-фот започнува следниот вторник на 22 април (Фенер – Париз од 19:45 часот и ПАО – Ефес од 20:30 часот) и ќе трае најдоцна до 7 мај доколку има потреба мајсторки.