кошарка

Пелистер загуби од МЗТ Скопје во првиот полуфинален натпревар

Пелистер не успеа да ја продолжи победничката серија откако битолските „зелено-бели“ загубија со резултат 80-75 на првиот полуфинален дуел од серијата со МЗТ Скопје. „Пелистерци“ одиграа квалитетен меч, во третиот период имаа и водство од седум поени, но и тоа беше недоволно за да се стигне до позитивен резултат на гостувањето против актуелниот шампион.

Малешевиќ ги постигна првите четири поени за Пелистер во ова полуфинале (5-4), по што МЗТ почна резултатски да се одлепува (9-4). „Зелено-белите“ се вратија намалувајќи на 12-10 преку Дејвис, но домашниот тим се одлепи резултатски, па преку Танасковиќ во 7. Минута стигна и до предност од двоцифрени (23-12). Стајиќ во 10. Минута ја постигна првата тројка за Пелистер на мечот, по што разликата се спушти по десет, па првата четвртина заврши 26-18.

Пелистер од самиот почеток на вториот период се покажа во сосема поинакво светло, aнгажманот во одбраната беше на повисоко ниво, проработи и нападот, па предноста на домаќинот почна да се топи. Лука Стојановски погоди тројка со која намали на само три поени негатива (32-29), потоа погоди и Андреј Митревски за 36-35, по што следеше чудна судиска одлука, најпрвин недосуден прекршок над Митревски, а потоа и техничка грешка за реакцијата на нашата клупа. Пелистер не постигна поени во последните 118 секунди од полувремето, што МЗТ го искористи за на одмор да замине со водство од 39-35.

Третата четвртина го донесе вистинското лице на Пелистер, она што навикнавме да го гледаме во претходните пет рунди од плејофот. Не само што негативата беше експресно истопена, Малешевиќ експресно донесе предност од 43-45, а серијата на „пелистерци“ продолжи и со поените на Џенкинс водството на „зелено-белите“ порасна на 45-52. МЗТ намали на 51-53, Лука Стојановски ја запре мини-серијата на домаќините, но по четирите поени во низа на Маслинко тренерот Даскаловски беше принуден да побара тајмаут при израмнети 55-55.

Во последната четвртина се влезе со 57-55 за МЗТ Скопје, а проблемите се зголемија откако скопјани го почнаа четвртиот период со две погодени тројки за водство од 63-55 и нов тајмаут на Даскаловски. МЗТ поведе и со двоцифрени 66-56, но Пелистер не се предаде, се врати во ритам и ја преполови негативата (69-64) „Зелено-белите“ се држеа до 71-66, но МЗТ успеа дополнително да се одлепи и на крајот да триумфира со конечните 80=75

Брејси Дејвис со 25 и Малешевиќ со 23 поени беа единствените со двоцифрен ефект кај Пелистер, додека по седум поени реализираа Митревски и Џенкинс.

Вториот натпревар од оваа полуфинална серија ќе се игра викендов во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.


Хапоел го надигра Реал Мадрид и остана во игра за Ф4 во Атина

Хапоел Тел Авив не дозволи Реал Мадрид да слави со максимални 3-0 во четвртфиналната евролигашка серија, откако израелскиот тим славеше на денешниот прв домашен дуел (одигран во Бугарија) со 75-69, намалувајќи на 2-1 и останувајќи во игра за место на фајналфор турнирот.

Брајант и Џонс го предводеа Хапоел со по 19 поени, со 13 поени мечот го заврши Мициќ, а најефикасни кај Реал Мадрид беа Лајлс со 14 и Дек со 11 поени.

Четвртиот натпревар од оваа серија се игра в четврток, повторно во арената во Ботевград, Бугарија.


Џамал Мозли доби отказ во Орландо

Џамал Мозли повеќе не е тренер на Орландо Меџик откако клубот реши да ја прекине соработката по разочарувачкиот крај на сезоната.

Испуштената предност од 3-1 во плеј-оф серијата беше клучниот момент што ја запечати неговата судбина, иако Орландо влезе како аутсајдер против Детроит.

Раководството очекуваше поголем исчекор од младата екипа.

Одлуката ја донесе претседателот Џеф Велтман, кој ќе го избере и новиот тренер, водејќи ги преговорите лично.


Маџари го изненади ТФТ во првото полуфинале од плеј-офот

Кошаркарите на Маџари синоќа го добија првиот натпревар (84:82) од полуфиналето на плеј офот против ТФТ на негов терен и поведоа со 1-0 во серијата. Тимот на Маџари во последната четвртина испушти и двоцифрена предност, но сепак во дополнителните пет минути (продолжение) дојде до триумф.

Првиот дел мина во знакот на Маџари, а во два наврати имаа и водство од девет разлика. Но, ТФТ со серија од 10-2 ја врати неизвесноста на дуелот.

На почетокот на второто полувреме, малку поинаква слика на теренот. ТФТ дојде до водство (50:42). Во 37. минута Маџари дојде до предност од 73:62 и тогаш кај ТФТ Дарин Говенс постигна три тројки и неговиот тим стигна до нерешен резултат 73:73 и продолжение.

Во драматична завршница гостите беа посмирени и ги казнија грешките на домашните кошаркари за прва победа.

Следниот натпревар од оваа серија во кој екипата на Маџари ќе биде во улога на домаќин, ќе се игра на 12. мај.

Екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер ќе ја отворат полуфиналната серија со дуелот закажан за 6.мај (среда), од 19.часот, во СЦ „Јане Сандански“.


Гордон и Мареј заминуваат од Денвер ова лето

Во редовите на Денвер се најавува голема реконструкција на тимот.

Според информациите од САД, единствено сигурен во составот е Никола Јокиќ, за кого клубот подготвува нов мегадоговор вреден дури 293 милиони долари.

Сите останати, вклучувајќи ги и клучните стартери, би можеле да бидат тердувани.

Реномираниот новинар Сем Амик пишува дека раководството на Денвер е подготвено да ги сослуша понудите за Џамал Мареј и Ерон Гордон, и не ја исклучува можноста за нивно заминување.


Кер и челниците на „воините“ не постигнаа договор, разделбата неминовна

Медиумите во САД наведуваат дека тренерот на кошаркарите на Голден Стејт, Стив Кер, деновиве имал подолга средба со челниците на која се разговарало за неговата иднината.

Сопственикот, Џо Лејкоб и генералниот менаџер, Мајк Данливи, сакаат да ја продложат соработката но, Кер најави, дека може да го напушти клубот.

Пред извесен период имаше информација дека „воините“ може да ангажираат тренер кој работи во развојната лига.


Минесота го исфрли Денвер, заврши плеј-офот за Јокиќ

Минесота го елиминира Денвер од плејофот. Волците го добија шестиот меч од серијата со 110-98 и со 4:2 изборија конференциско полуфинале против Сан Антонио.

Никола Јокиќ го заврши натпреварот со 29 поени (11/19 од поле, 1/5 за три, 5/6 од пенали) со 10 асистенции и девет скока, но и четири изгубени топки. Поддршка доби само од Кем Џонсон (27 поени).

„Руди е голем човек, не игравме добро, тие имаа 19 офанзивни скока. Изгубивме многу топки, тие си играа со нас. Морав да играм подобро, ми требаше подобар ритам. Особено во првите три натпревари. Требаше да бидам подобар, тие дефинитивно беа подобри во оваа серија“, рече Јокиќ.

Исто така, беше прашан дали исходот од оваа сезона ќе влијае на неговата одлука да остане во Денвер.

„Сè уште сакам засекогаш да биде во Денвер“, одговори Јокиќ.

Потоа Јокиќ беше прашан дали пред Денвер е големо лето.

„Едноставно бевме елиминирани во првото коло. Мислам дека сме далеку од тоа што треба да бидеме. Дефинитивно, да бевме во Србија, сите ќе бевме отпуштени.“


Голем пех за Скариоло, заврши сезоната за Таварес

Првиот центар на Реал Мадрид, Еди Таварес, најверојатно нема да биде достапен за тимот до крајот на сезоната.

Таварес се повреди во првиот натпревар од четвртфиналната плејоф серија со Хапоел. По три минути игра тој не можеше да го продолжи натпреварот, а еден ден подоцна, по прегледите, пристигнаа лоши вести за неговата повред.

Реал, објави дека на Таварес му е дијагностицирана руптура на медијалниот колатерален лигамент (MCL) на левото колено, иако не е прецизирано дали е целосно или само делумно, што може значително да влијае на периодот на закрепнување и времето на враќање на теренот.

Во случај на целосно руптура, закрепнувањето трае од три до шест месеци, а од три до шест недели ако станува збор за делумно кинење на лигаментот.

Во секој случај, мали се шансите Таварес да се врати на теренот за крајот на сезоната.

Тој имаше просек од 9,6 поени и 6,6 скока по натпревар во 39 натпревари оваа сезона.


ТФТ во двомеч со Борац Чачак ќе се бори за промоција во АБА лигата

ТФТ сè уште има шанси за историско учество во АБА лигата.

ТФТ ќе се судри со Борац Чачак, претпоследниот тим во најсилната лига оваа сезона.

Познати се и термините на одигрувањето на бараж натпреварите.

Ќе се игра на две добиени, а првиот дуел е закажан за на седми мај во Чачак.

Реваншот на програмата е на десетти мај во Скопје, а евентуалната „мајсторка“ ќе се игра во Чачак, но засега терминот не е познат.


Пелистер го совлада и Тиквеш и во одлична форма го чека плеј-офот

Пелистер импресивно ги одигра петте рунди од плејоф доигрувањето откако попладнево лесно и убедливо славеше над Тиквеш со резултат 100-93. Нападот повторно функционираше беспрекорно, беа постигнати над 100 поени, како јасна потврда дека битолчани во топ-форма ќе го дочекаат претстојното полуфинале во плјеофот со тимот на МЗТ Скопје.

Пелистер отвори бавно во нападот на самиот почеток, постигнувајќи само еден поен во првите три минути од мечот (1-5). Шутот профункционира, Џенкинс една минута подоцна погоди тројка за 6-6, а истиот кошаркар со уште еден прецизен обид од далечина го донесе и првото водство на „пелистерци“ на натпреварот (16-13, 7. Минута). Малешевиќ беше во главна улога во овој дел од мечот, па токму со поените на српскиот крилен кошаркар Пелистер ја доби првата четвртина со 29-25.

Крстевски ја отвори втората четвртина со тројка, Пелистер продолжи да го контролира резултатот, со неколкуте реализации на Вилсон одржувајќи ја предноста на девет поени (38-29, 40-31). Тиквеш за момент се приближи на 44-42 на помалку од 90 секунди до крајот на полувремето, но самата завршница мина во знакот на „зелено-белите“, Вилсон беше во главна улога и Пелистер замина на одмор со седум поени предност (51-44).

Тројката на Брејси Дејвис во 23. Минута го донесе првото двоцифрено водство на „пелистерци“ (56-46), а со тројката на Малешевиќ битолчани стигнаа и до плус 13 (59-46). Предноста се одржувапше до самиот финиш, завршницата на третата четвртина мина во знакот на Американците на Пелистер, Брејси Дејвис постигна пет, Вилсон три поени, но Тиквеш постигна четири поени во последните десет секунди и ја спушти разликата под десет поени (75-67).

Сите дилеми околу победникот беа разрешени по неколку минути од четвртата четвртина, Вилсон одигра одлично и постигна пет поени во низа, Брејси Дејвис реализираше од контранапад и „зелено-белите“ веќе имаа 82-68 во своја полза. Тиквеш се приближи до седум поени, но Пелистер имаше одговор, а последната четвртина ја одбележа и атрактивното забивање на Вилсон, откако ја протна топката низ нозе и потоа ја смести низ обрачот.

Во завршницата Даскаловски ги повлече дел од најдобрите кошаркари, но и оние помладите кои добија шанса максимално ја оправдаа довербата, па Пелистер рутински го приведе мечот до крај и конечните100-93.

Ленгстон Вилсон одигра одличен натпревар реализирајќи 29 поени и 9 скокови, Брејси Дејвис имаше 24 поени, а двоцифрен ефект имаа и Малешевиќ со 18 и Џенкинс со 11 поени.