кошарка

Пораз на дербито со МЗТ Скопје, прв за Пелистер оваа сезона

Кошаркарите на Пелистер не успеаја да ја продолжат победничката серија во Супер-лигата откако во шестото коло загубија во дербито со МЗТ Скопје со резултат 67-72. Во меч со многу тензија во кој судиите во финишот исклучија двајца членови на нашиот клуб , МЗТ Скопје знаеше како да го искористи тоа и да стигне до победата.

Цврстата одбрана и грешките во нападот го одбележаа првото полувреме во кое МЗТ отвори подобро, но Пелистер беше подобар тим во втората четвртина и битолчани заминаа на одмор со предност од 32-29. Второто полувреме донесе зголемена тензија на теренот, ниту еден од тимовите не се одлепи резултатски, а откако Пелистер не искористи неколку напади за водство, гостите од Скопје реализираа во својот последен напад и во последните 10 минути влегоа со предност од 49-51.

Пресудни се покажаа првите четири минути од последната четвртина во кои Пелистер не постигна ниту еден поен, а МЗТ со тројката на Војдан Стојановски дојде до „плус десет“. Пелистер не се предаде, со тројките на Малешевиќ и на Стајиќ дојде на „минус пет“, но сите клучни судиски одлуки во завршницата беа во корист на гостите (вклучувајќи ги и исклучувачките грешки кои донесоа дополнителни слободни фрлања за играчите на МЗТ), кои на крајот триумфираа со конечните 67-72.

Стајиќ со 17 поени беше прв стрелец на Пелистер на овој дуел, Малешевиќ имаше 16 поени и 7 скокови, а двоцифрен беше и Брејси Дејвис кој го заврши мечот со 10 поени.


Реал регистрира најголема финансиска загуба во својата кошаркарска секција

Шпанскиот кошаркарски гигант Реал Мадрид ќе ја регистрира својата најголема финансиска загуба во историјата, проценета на 38 милиони евра за сезоната 2025/2026, објави денеска „2PlayBook“.

Според истиот извор, се очекува само платите на кошаркарите да достигнат 49 милиони евра, што е зголемување од 26 отсто во споредба со минатата година.

И покрај загубите, сепак, Реал Мадрид очекува и вкупните приходи да пораснат за 5,4% и да достигнат 1,5 милијарди евра. Клубот планира во иднина да го насочи своето внимание кон проектот НБА Европа, што би можело дополнително да ги зголеми приходите.

Дел од грчки медиуми изминатиот период објавија дека Реал Мадрид, како и Барселона, размислуваат да ја напуштат Евролигата и да играат во Лигата на шампионите на ФИБА, како чекор кон новото натпреварување поддржано од НБА.


Атаман разочаран од Ти Џеј Шортс

MADRID, SPAIN – APRIL 15: TJ Shorts, #0 of Paris Basketball celebrates at the end of the Turkish Airlines EuroLeague Play-in A match between Real Madrid and Paris Basketball at Movistar Arena on April 15, 2025 in Madrid, Spain. (Photo by Thiago Mora/Euroleague Basketball via Getty Images)

Американецот со македонски пасош, Ти-Џеј Шортс имаше лош почеток во новата клупска средина, тимот на Панатинаикос. Член на идеалната петорка на Евролигата од минатата сезона и најкорисен играч (МВП) на Еврокупот (2024) и Лигата на шампионите (2023), тој се приклучи на грчкиот клуб ова лето и има просек од само 6,1 поен и 2,7 асистенции за 14,7 минути по натпревар во Евролигата.

Гласините сугерираат дека Црвена ѕвезда веќе покажа интерес за Шортс да го добие на позајмица.

Досега, сум 90% незадоволен од неговиот настап во нашиот тим. Не знам чија е вината, негова или наша, но реалноста е дека тој не ги исполнува очекувањата. Не знам ништо за гласините, изјави тренерот на грчкиот тим, Ергин Атаман.

Панатинаикос во досегашниот тек од Евролигата има пет победи и четири порази.


Оклахома постави нов рекорд – осум победи по ред од старт на сезоната

Оклахома Сити утрово на гостински терен забележа победа над Лос Анџелес клиперс со 126-107. За Тандер ова беше осма последователна победа од почетокот на сезоната поставувајќи нов клупски рекорд.

Пред натпреварот, актуелниот НБА-шампион го изедначи својот најдобар старт (7-0) од минатата сезона, приклучувајќи се кон кратка листа на тимови (Хјустон во 1990-тите, Бостон во 1960-тите) кои го постигнаа овој подвиг двапати по ред.

Оклахома Сити е единствениот непоразен тим во тековната сезона и е лидер во Западната конференција.

На Исток прв е Чикаго булс со шест победи и еден пораз.


Спанулис останува селектор на Грција

Легендарниот кошаркар, а сега тренер Василис Спанулис, останува селектор на грчката репрезентација. Ова во вторникот официјализираше Кошаркарскиот сојуз на Грнција.

Спанулис им донесе бронза на Грците од овогодинешниот Евробаскет. Тоа беше и првиот медал на Грција на големо натпреварување од 2009 година. Затоа во националниот Сојуз веднаш му понудија нов договор.

Во исто време, легендарниот Грк ќе продолжи да работи во вицешампионот на Евролигата, Монако, а неговата следна цел кога станува збор за репрезентацијата ќе биде да ја однесе Грција на Мундобаскетот во 2027 година.

Спанулис е на клупата на грчката репрезентација од октомври 2023 година, а ја водеше оваа репрезентација на Олимписките игри во Париз една година подоцна.


Пелистер загуби од Цедевита Јуниор и се наоѓа пред елиминација од ФИБА Европа Купот

Кошаркарите на Пелистер не успеаја да го задржат стопроцентниот ефект што го имаа на домашен терен од стартот на сезонава, губејќи во „Боро Чурлевски“ од Цедевита јуниор со убедливи 74-95 во рамките од четвртото коло од ФИБА Европа купот. Одличната трета четвртина беше недоволна да се земе скалпот на овој ривал, кој демонстрираше квалитет на теренот во Битола и заслужено стигна до четвртата победа во низа во ова европско натпреварување.

По три минути игра резултатот гласеше 3-3, по што гостите влегоа во шутерски ритам, а Пелистер се мачеше во одбраната. „Зелено-белите“ одржуваа резултатска неизвесност до 6-9 и 8-11, но Цедевита јуниор погоди неколку удари од далечина и набрзина стигна до 10-20, принудувајќи го Даскаловски да побара тајмаут. Хрватскиот состав имаше и „плус 12“, за со поените на Стајиќ првата четвртина да заврши со 17-27 за гостинските кошаркари, кои погодија четири тројки од пет обиди во овој дел од мечот.

Цедевита јуниор подобро ја отвори и втората четвртина, поведувајќи со 19-33, но по четирите поени во низа на Пелистер гостинскиот тренер веднаш побара тајмаут (23-33). Хрватскиот клуб постигна четири поени за помалку од минута, па Даскаловски беше принуден тој самиот да побара минута одмор. За жал, ситуацијата на теренот не се промени онака како што посакуваа битолчани, противникот лесно го контролираше резултатот до крајот на полувремето, на одмор заминуваќи со 34-49.

„Пелистерци“ подобро го отворија второто полувреме, ја спуштија разликата под десет поени, па при 44-52 гостинскиот тренер го побара првиот тајмаут во четвртината.Митревски погоди тројка под прекршок и негативата за момент беше преполовена на 48-52, Пелистер продолжи со одлична игра и со новото забивање на Бејси Дејвис дојде на само еден поен негатива (53-54). Истиот кошаркар една минута подоцна погоди и тројка за 56-56. Сепак, финишот од четвртината мина во знакот на Цедевита јуниор, па хрватскиот тим влезе во последните десет минути со водство од 58-66.

Уште во раната фаза од четвртата четвртина Цедевита јуниор стигна до двоцифрена предност, што подоцна скокна и на 20 разлика (66-86). Остатокот од натпреварот мина во рутинско задржување на убедливото водство на гостите од Хрватска, кои триумфираа со конечните 74-95.

Брејси Дејвис ги предводеше стрелците на Пелистер со 21 поен, Ленгстон Вилсон имаше 16 поени, а двоцифрен беше и репрезентативецот Андреј Митревски, кој го заврши мечот со 15 поени зад своето име.


Пелистер на нов европки испит: Пред битолската публика да падне и Цедевита јуниор

Кошаркарите на Пелистер продолжувааат со пеколниот ритам натпревари, па така денеска во рамките од четвртото коло од ФИБА Европа купот „зелено-белите“ ќе ја пречекаат екипата на Цедевита јуниор. Хрватскиот тим важи за најдобар во групата, веќе има скор 3-0 по првите три рунди, вклучувајќи ја тука и рутинската победа над Пелистер, во Загреб во првото коло со резултат 94-76.

Сепак, формата на „пелистерци“ од тој момент се движеше во нагорна линија и ако се исклучи онаа потпросечна прва четвртина во Никозија јасно е дека „зелено-белите“ играат се подобро на секој нов меч.

Денешниот дуел е исклучително важен бидејќи победа ќе значи и задржување на шансите за пласман во следната фаза, што е мотив плус за „пелистерци“ – да дадат максимум и да стигнат до посакуваниот триумф.

„Играме против екипа која е квалитетна и досега нема пораз во ФИБА Европа купот. Тоа ни е само мотив, вечерва пред нашите верни навивачи да дадеме се од себе и да се обидеме да ја оствариме втората европска победа. На првиот меч одигравме многу слабо пред се во одбраната, но верувам дека овојпат се ќе биде сосема поинаку и дека ние ќе бидеме тие што ќе се радуваат на крајот. Важно ќе биде да се одигра добра одбрана во текот на сите 40 минути, како и да се исконтролира рекетот со квалитетна скок-игра. Знам дека нашите навивачи ќе ни ја дадат неопходната поддршка од трибините и верувам дека сме на добар пат да забележиме нова европска победа во Битола“, изјави Андреј Митревски, еден од македонските репрезентативци во таборот на Пелистер.

Дуелот меѓу македонскиот и хрватскиот претставник во ФИБА Европа Купот се игра од 20:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.


Ламело Бил казнет од НБА лигата

Ламело Бол е казнет за офанзивен прекршок во четвртата четвртина, па фрустриран од одлуката на судиите, им покажа среден прст, што веднаш му донесе техничка грешка, а потоа и оваа финансиска казна.

Ова не е првпат 24-годишниот Бол да биде казнет за своето однесување.

Казната од 35.000 долари е втора најголема во неговата кариер, откако минатата година мораше да плати дури 100.000 долари поради „навредливиот“ јазик во текот на интервју по натпреварот.

Бол, кој ја игра својата шеста сезона со Хорнетс, беше избран од третото место на НБА- драфтот во 2020 година и веднаш беше прогласен за најдобар дебитант во сезоната.

Минатата сезона имаше просек од 25,2 поени на натпревар, што е највисок резултат во кариерата, на 47 настапи, но Хорнетс заврши со скор од 19 победи и 63 порази.


Јанг се повреди, го чека пауза од четири недели

Плејмејкерот на Атланта Хокс, Трае Јанг, ќе отсуствува најмалку четири недели поради повреда на коленото.

Бекот на „Хокси“ се повреди пред четири дена во натпреварот против Бруклин (117-112) во НБА.

„Јанг беше подложен на магнетна резонанца, која потврди скинат лигамент на десното колено. Играчот започна со рехабилитација и ќе биде повторно евалуиран за приближно четири недели“, се вели во соопштението на Атланта.

Јанг (27) досега оваа сезона во НБА има просек од 17,8 поени, 7,8 асистенции и два скока по натпревар. Американските медиуми објавуваат дека кошаркарот на Атланта ќе пропушти најмалку 15 натпревари од НБА поради повредата.


Шенгелија е МВП на колото во Евролигата

Кошаркарот на Барселона, Торнике Шенгелија, е најкорисен играч (МВП) на осмото коло од Евролигата, објавено е денеска на официјалната веб-страница на натпреварувањето.

Барселона синоќа го победи Партизан (78-76) во Белград, а Шенгелија постигна 24 поени за 30 минути, а додаде и пет скокови, пет асистенции, четири украдени топки и девет изнудени прекршоци за индекс на корисност од 42.

Грузискиот репрезентативец оваа сезона има просек од 14 поени и 4,8 скокови во Евролигата. За Шенгелија ова е деветто признание за најкорисен играч во едно коло во Евролигата во кариерата.