кошарка

Матеј Митевски потпиша со ТФТ

Кошаркарскиот клуб ТФТ Скопје повторно ќе биде дел од Суперлигата откако ги подмири финансиските обврски кон кошаркарската Федерација, а како тим кој пријатно изненадува и на регионален план, целта е ростерот да биде уште подобар и поосвежен во новата сезона. ТФТ покрај Григориј Ѓорѓевиќ, денеска беше потврден и ангажманот на Матеј Митревски.

„Нов играч на КК ТФТ е Григориј Ѓорѓевиќ, еден од најголемите македонски кошаркарски таленти! Младиот репрезентативец на неодамнешното европско првенство до 18 години имаше просек од 13.4 поени, 4.7 скокови и 6.4 асистенции, што воедно беше и трет најдобар асистент на целото првенство.

Ѓорѓевиќ дополнително го потврди својот квалитет и на М18 „фајнал-форот“, каде што беше прогласен за MVP на финалниот турнир за екипата на КК Вардар.

Во финалето одигра феноменален натпревар, забележувајќи 25 поени, 9 асистенции и 8 скокови, со што заслужено ја понесе наградата за најкорисен играч. Добредојде во ТФТ, Григориј!


Македонија одличен домаќин на Европското првенство до 16 години

Кошаркарската федерација на Македонија доби специјална плакета како признание за успешната организација на Европското првенство за играчи до 16 години – Дивизија Б, кое се одржа во Скопје и Гевгелија.

КФМ доби пофалните зборови од претседателот на „FIBA Europe“, Хорхе Гарбахоса, кој посочи дека Македонија се етаблира на вистинскиот пат кон градење на пријателство со „куќата на европската кошарка“, испраќајќи јасна порака дека нашата земја станува сигурен и доверлив партнер на ФИБА Европа.

Тоа само по себе е потврда дека Македонија чекор по чекор го зацврстува местото во европското кошаркарско семејство.


Ели Ндиаје се врати во Реал Мадрид

Кошаркарската секција на Реал Мадрид официјално објави на својата веб-страница дека е постигнат нов договор со Ели Ндиаје.

Сенегалскиот крилен центар, а доколку е потребно и центар, ќе биде играч на Реал Мадрид во следните две сезони, односно до летото 2028 година.

Ели играше за Реал Мадрид четири сезони, од 2021 до 2025 година, и освои осум трофеи.

Титулата шампион на Евролигата, три титули во шпанското првенство, Кралскиот куп и три шпански Суперкупа.

Тој го напушти Реал Мадрид зкога замина во НБА, доби двонасочен договор од Атланта Хокс и претежно играше за развојниот тим, па сега се врати во шпанската престолнина.

Реал во трката за потписот на Ндиаје, ги победи Валенсија и Басконија


Реал потпиша со Максим Шулга

Кошаркарскиот клуб Реал Мадрид ја засили бековската линија со 24-годишниот Максим Шулга.

Украинскиот бек потпиша двегодишен договор со шпанскиот гигант и по една сезона во Бостон се враќа во Европа.

Максим Шулга, кој е висок 193 сантиметри, поголемиот дел од минатата сезона го помина во Мејн Селтикс, каде што во просек бележеше 15,7 поени, 6,7 асистенции и 4,4 скока по натпревар.

Тој доби шанса и во НБА лигата и настапи на 11 натпревари за Бостон.

Шулга во НБА влезе како 57. пик на драфтот во 2025 година, кога беше избран од Орландо Меџик а потоа беше испратен во Бостон


Клиперси постигнаа договор со Бредли Бил

Бредли Бил и Лос Анџелес Клиперс постигнаа договор за продолжување на соработката, потврди неговиот агент, Марк Бартелштајн.

Ветеранот ќе потпише двегодишен договор вреден 13,2 милиони долари, со опција за играч за втората сезона.

Претходно тој ја одби опцијата од 5,6 милиони долари и го тестираше пазарот на слободни агенти. За неговите услуги интерес покажа и Мајами хит, но тој, сепак, одлучи да остане во Лос Анџелес.

Бил следната сезона ќе има 33 години и ќе влезе во својата 15. НБА-сезона.

Во кариерата има просек од 21,4 поени, 4,3 асистенции и 4,0 скока на натпревар, со 37,6 проценти реализација за три поени.


Дарон Расел големо засилување на Анадолу Ефес

Анадолу Ефес официјално го потврди трансферот на американскиот плејмејкер Дарон Расел, кој потпиша едногодишен договор со турскиот гигант и за првпат во кариерата ќе игра во Евролигата.

Расел пристигнува од Клуж, каде што имаше одлична сезона и беше најдобар стрелец во Еврокупот со просек од 19,8 поени, 6,2 асистенции, 3,6 скокови и 1,4 украдени топки по натпревар.

Американецот требаше да се пресели во Монако, но договорот не беше реализиран поради финансиските и административните проблеми на францускиот клуб. Тоа го искористи Ефес и го доведе Расел во Истанбул.


Врвни тренерски имиња на „кошаркарската клиника“ во Скопје

Кошаркарската федерација на Македонија на 24 и 25 август 2026 година во Скопје ќе организира задолжителна тренерска клиника, посветена на континуирана едукација и професионално усовршување на македонските тренери. Клиниката носи богата програма и предавања од реномирани стручњаци, меѓу кои Светислав Пешиќ, Хосе Мариа Берокал (селектор на Македонија) и Саша Грујиќ.

Темите опфаќаат дефанзивна и офанзивна транзиција, позициона одбрана, развој на офанзивната тимска игра и индивидуалните вештини во младинската кошарка, како и промените во официјалните кошаркарски правила.

Учеството на клиниката е бесплатно и задолжително согласно условите за добивање тренерска лиценца.

КФМ има за цел клиниката да прерасне во традиционален годишен настан, кој ќе придонесе кон континуирана едукација на тренерите и унапредување на македонската кошарка.

Сите заинтересирани треба да се регистрираат за да можат да присуствуваат.


Расел Вестбрук означи кошаркарска пензија

Поранешниот МВП и играч на бројни НБА тимови, Расел Вестбрук, го објави крајот на својата кариера на 38-годишна возраст.

Вестбрук вториот играч во историјата кој завршил сезона со просек од трипл-дабл, ја објави својата одлука на оригинален начин, објавувајќи краток филм во траење од три и пол минути, чиј наратор е добитникот на Оскар, Мајкл Б. Џордан.

Играчот, кој на врвот на својата кариера го носеше дресот на Оклахома 11 сезони, ја доби наградата МВП во 2017 година, а учествуваше на Ол Стар натпреварот уште девет пати.

Тој дури имаше двоцифрен просек во поени, скокови и асистенции четири пати (2017, 2018, 2019 и 2021 година), а е рекордер во НБА по бројот на трипл-дабл (209) пред Никола Јокиќ.

Откако ја напушти Оклахома, играше за Хјустон, Вашингтон, ЛА Лејкерс, Клиперс, Денвер и Сакраменто. Не остана во ниту еден тим повеќе од две сезони.

Во својата 18-годишна кариера не успеа да ја освои шампионската титула. Единственото финале со Оклахома го играше во 2012 година.

Беше избран од Сиетл Суперсоникс (идна Оклахома) како четврти пик на драфтот во 2008 година.

Само две години подоцна, тој беше член на тимот на САД кој освои злато на Светското првенство. Го повтори истиот успех на Олимписките игри во Лондон во 2012 година. После тоа, никогаш повеќе не играше за националниот тим.

Се наоѓа на петтото место на листата на најдобри асистенти во историјата на НБА. Освен него и Оскар Робертсон, само Никола Јокиќ успеа да има просек од трипл-дабл во една сезона. Со српскиот центар, Вестбрук беше соиграч една година во дресот на Нагетс (2024/2025).

Двапати беше најдобар стрелец во лигата (2015 и 2017), а уште три пати најдобар асистент.

Беше избран во најдобриот тим на НБА во 2016 и 2017 година.


Ефремовски доби нов договор во Работнички

Кошаркарскиот клуб Работнички предмалку објави дека е продолжена соработката со стандардниот негов член Виктор Ефремовски и искусниот кошаркар и во следниот период ќе го носи дресот на нашиот трофеен клуб.

Тој веќе десет сезони е дел од овој клуб и прераснува во вистинска легенда на тимот од Градски парк.

Ефремовски константно во изминатиот период е еден од најдобрите кошаркари на Работнички и логично е управата да направи се за да тој и понатаму го носи дресот на некогашниот шампион на Македонија.


Петар Бошалески нов член на МЗТ Скопје

МЗТ Скопје го обезбеди македонскиот кошаркарски, репрезентативец, Петар Бошалески, кој е висок 197 сантиметри.

Дваесет и двегодишниот бек-шутер ги помина сите младински национални селекции а во текот на летово беше дел и од сениорската репрезентација во претквалификациите за Европското во 2029 година.

Toj играше за Работнички и Пелистер а изминатата сезона ја помина во дресот на Тиквеш.