Кошаркарскиот клуб Гостивар доведе ново засилување во пресрет на вториот дел од сезоната во македонската кошаркарска лига.
Се работи за 26-годишниот Aмериканец Леонард Диксон. Ова е четврто странско засилување за екипата на Гостивар.
Во својата кариера, Диксон играше во естонската лига во екипата на Кеила Баскет.
Ова е многу важно засилување за екипата на Гостивар која во моментов се наоѓа на претпоследната позиција на табелата во македонскиот шампионат.
Кари прв стигна до 10.000 шутеви за три поени
Стеф Кари влезе во историјата на НБА станувајќи првиот играч кој направил 10.000 шутеви за три поени. На натпреварот против Далас, суперѕвездата на Голден Стејт, имаше 15 шутеви за три поени, од кои погоди 8.
Со овој настап, 37-годишниот плејмејкер стана првиот играч во историјата на НБА кој имал повеќе од 10.000 обиди за тројка (4.222 од 10.007 шутеви).
Најблиску до него се Џејмс Харден (9.116), Дамијан Лилард (7.556) и Леброн Џејмс (7.446).
Стојан Ѓуровски потпиша за Куманово
Репрезентативецот Стојан Ѓуровски е најновото засилување во редовите на МКК Куманово во пресрет на вториот дел од сезоната кој започнува овој викенд.
Како што истакнуваат од управата на клубот постигнат е договор со искусниот Ѓуровски, кој пристугнува од редовите на Работнички.
„Стојан Ѓуровски со своето искуство и квалитет ќе биде значајно засилување за тимот во продолжение од сезоната. Веруваме дека неговиот придонес ќе помогне во остварување на високите амбиции на клубот и на нашата сина публика“, велат од МКК Куманово.
Во меѓувреме клубот го напушти Марјан Јанески, кој замина во КК Бутел.
Реал Мадрид ја напушта Евролигата
Реал Мадрид одлучи да се повлече од Евролигата и да стане еден од основачите на ново европско кошаркарско натпреварување под покровителство на НБА, проект наречен „НБА Европа“, пишуваат шпанските медиуми.
Според достапните информации, 12 клуба би учествувале во почетната фаза од проектот, а се проценува дека вредноста на франшизите вклучени во натпреварувањето би можела да достигне околу една милијарда долари во следните пет до шест години.
Според медиумите, Реал е се поблиску до тоа да биде еден од дванаесетте основачи на ова ново натпреварување. Овој потег започнува нова ера во европската кошарка и потенцијално ја менува распределбата на моќта на континентот, бидејќи „НБА Европа“ би можела сериозно да ги разниша традиционалните темели на Евролигата.
Во моментов, повеќето клубови сè уште имаат желба да останат во Евролигата, но потенцијално поголемиот профит и проширувањето на брендот преку „НБА Европа“ би можеле да ги наведат да ги преиспитаат своите приоритети во наредниот период.
Барса потпиша десетгодишен договор со Евролигата
Кошаркарскиот клуб Барселона објави дека потпиша нов 10-годишен договор со Евролигата.
„Управниот одбор се согласи да го одобри продолжувањето на лиценцата на машката кошаркарска екипа во Евролигата за следните 10 сезони. Клубот е еден од основачите на овој турнир. Управниот одбор ја потврдува својата долгогодишна посветеност на учество во најдобрите постоечки натпреварувања“, се вели во соопштението на клубот.
Барселона има богата историја во Евролигата, освојувајќи ја титулата двапати (во 2003 и 2010 година) и постојано натпреварувајќи се на највисокото ниво на европската кошарка. Во последните месеци, бројни извештаи посочуваа дека Барселона ја истражува и можноста за приклучување кон европскиот проект на НБА.
ТФТ по продолженија ја „скрши“ Слобода Дита
Македонскиот кошаркарски вицепрвак ТФТ оствари важна победа во регионалната кошаркарска АБА2 лига. Во натпревар од 6.коло ТФТ по продолжение ја совлада екипата на Слобода Дита Тузла со 96-91.
Македонскиот тим одигра одлично прво полувреме. На паузата ТФТ имаше двоцифрена предност (53-43), но гостите се вратија во третиот период и ја направија завршницата неизвесна.
Во последните минути од регуларниот дел ТФТ имаше мала предност, но со серија грешки на двата тима резултатот се израмни на 81-81, па мечот мораше да се решава во дополнителни пет минути.
Во продолжението скопјани успеаја да се одлепат. Слобода не успеа да одговори со ист интензитет и дозволи нови поени во својот кош, што значеше дека ТФТ го направи финалниот исчекор кон победата.
Најдобар стрелец кај македонскиот претставник беше Џастин Гордон со 20 поени, а по 18 постигнаа Дејвис и Виктор Ташовски.
За Слобода најрасположен беше искусниот Владимир Томашевиќ со 26 поени. Со оваа победа ТФТ ја зацврсти својата позиција во лигата.
Владо Илиески се враќа во македонската кошарка
Управниот одбор на македонската кошаркарска федерација едногласно донесена одлука легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски, да биде назначен за Координатор на сите национални репрезентативни селекции.
Именувањето на Владо Илиевски претставува силна порака за јасна визија, континуитет и системски развој. Станува збор за една од најголемите фигури во историјата на македонската кошарка, поранешен долгогодишен репрезентативец, лидер на теренот и дел од најуспешната генерација на националниот тим, со која беше испишана историја на Европското првенство во 2011 година.
Неговото огромно меѓународно искуство, длабокото познавање на репрезентативниот систем и авторитетот што го ужива во кошаркарските кругови ќе бидат ставени во функција на унапредување на работата на сите сениорски и младински национални селекции, подобра координација меѓу нив, како и дефинирање на стратешки насоки за нивен долгорочен развој.
Во таа насока, Управниот одбор изразува очекување дека во најкраток можен рок, токму преку предлог на новоименуваниот координатор, ќе биде дефинирано и решението за селекцијата на нов селектор на машката сениорска репрезентација, со што ќе се обезбеди стабилност и навремена подготовка за претстојните репрезентативни обврски.
Гостински победи на Црвена Звезда и Партизан во Евролигата
Додека тимовите од Белград ги носеа бодовите од Монако и Минхен, фаворитите на домашен терен не дозволија изненадувања.
Црвена Звезда приреди сензација во Монте Карло, победувајќи го Монако со 96-100 по продолжение. Извонредниот Ебука Издунду со 22 поени и 12 скокови беше клучниот фактор за триумфот на тимот на Саша Обрадовиќ.
Партизан конечно ја прекина црната серија од седум порази, славејќи во Минхен кај Баерн со 63-67. Иако нашиот Нено Димитријевиќ постигна 10 поени за Баварците, Камерон Пејн и Исак Бонга беа пресилни во финишот за гостите од Белград.
Олимпијакос ја запиша својата шестта победа во последните седум меча, совладувајќи го Макаби Тел Авив со 100-93.
Иако Макаби се врати во игра во последната четвртина и намали на едноцифрена разлика, тимот на Јоргос Барцокас не дозволи пресврт. Саша Везенков одигра маестрално со 28 поени, додека Никола Милутинов доминираше во рекетот со 13 поени и 9 скокови.
Највозбудливо беше во „Палау Блауграна“, каде Барселона го победи Дубаи со 91:89. Иако домаќините прокоцкаа предност од 12 поени во последната четвртина, Дарио Бризуела со кош на 2,3 секунди пред крајот донесе големо славје за Каталонците.
Валенсија се врати на победничките патеки со триумф над Париз од 98:84. Домашните кошаркари уште од самиот старт наметнаа силно темпо и брзо стигнаа до двоцифрена предност.
Иако Париз успеа да намали на осум поени негатива до полувремето (50:42), Валенсија со силен старт на третата четвртина ја реши дилемата околу победникот.
Кам Тејлор одигра неверојатен меч постигнувајќи рекордни во кариерата 28 поени, додека Жан Монтеро одлично ја организираше играта со 9 поени и 8 асистенции.
Жалгирис Каунас стигна до важна гостинска победа кај Асвел со 77:96. Литванскиот тим го отвори мечот со фуриозна серија од 2:17, но Французите успеаја да се вратат до полувремето.
Сепак, во третата четвртина на сцена стапи незапирливиот Мозес Рајт, по чија заслуга Жалгирис направи нова серија од 2:18 и создаде недостижна предност. Силван Франциско ги предводеше стрелците со 20 поени, а Жалгирис покажа одлична реализација за два поени од дури 71.4%. Кај Асвел, Томас Ертел постигна 21 поен, но немаше вистинска поддршка од соиграчите
Први блесоци на Андреј Шошкиќ во НБА лигата
Андреј Шошкиќ го доби своето прво големо индивидуално признание, прогласен е за „Руки на неделата“ (Novice of the Week) во силната CAA конференција.
Ова е историски момент за програмата на Стоуни Брук, бидејќи за првпат ги „собраа“ двете неделни награди, откако соиграчот на Шошкиќ, Ерик Прат, беше именуван за „Играч на неделата“.
Признанието доаѓа како резултат на фантастичната недела во која Шошкиќ беше еден од клучните фактори за двете победи на неговиот тим против Хофстра и Чарлстон.
Против Хофстра блескаше со 20 поени (7/12 од поле, 3/6 за три), предводејќи го тимот до триумф.
Против Чарлстон запиша уште една „двоцифрена“ партија со 11 поени, 5 скока, 5 асистенции и 2 блокади, покажувајќи ја својата сестраност.
Вкупно за неделата, Македонецот имаше просек од 15.5 поени, 4.5 скока и 4 асистенции по натпревар, со импресивен шут за три поени и перфектни 5/5 од линијата за слободни фрлања.
Блекни од Хапоел обвинет за местење натпревари
ден од клучните играчи на лидерот во Евролигата, тимот на Хапоел Тел Авив, Антонио Блекни, се најде во центарот на сериозен скандал со наместени натпревари.
Како што објави угледниот „Атлетик“, започната е истрага во која се вклучени дури 20-мина кошаркари, вклучувајќи го и американскиот бек на Хапоел, моментално едно од најпознатите имиња во Евролигата.
Истрагата е поведена поради сомневања за манипулација со резултатите во текот на НЦАА-натпреварувањето, но и на натпреварите одиграни во Кина меѓу 2022 и 2025 година.
Наводно Блекни добил околу 200.000 долари за намерно да настапи полошо од очекуваното при својот престој во Кина.
И покрај ова, Блекни одигра важна улога во тимот на Тел Авив оваа сезона, со просек од 13,8 поени, 2,4 скока и 0,9 асистенции во Евролигата, со индекс на корисност 12.