feature

Симеоне може да го облече дресот на англиски клуб

Џовани Симеоне може да добие понуда да се пресели во Англија или во Шпанија, најавија медиумите во Италија.

Наводно за синот на прославениот играч и тренер, Диего Симеоне, е заинтересиран составот на Њукасл. Новите богати сопственици на англискиот состав сакаат во јануари да обезбедат квалитетни имиња кои треба да помогнат да се избори опстанок во Премиер-лигата.

26-годишниот Симеоне е на второто место на листата на најдобрите стрелци во Серија А со 9 голови на 11 натпревари.


Норвич го претстави Дин Смит, единствен цел опстанок во Премиер лигата

Норвич Сити има сили да обезбеди опстанок иако стартот на сезоната не беше воопшто добар, изјави новиот менаџер, Дин Смит.

Поранешниот тренер на Астон Вила го наследи Даниел Фарке, кој беше отпуштен по првата победа на „канаринците“. Норвич со 26 примени голови ја има најслабата одбрана во Англија и се наоѓа на последното место со пет бода од 11 средби.

„Мораме да престанеме да примаме многу голови. Не можеме да дозволиме да не победуваат така лесно.Мислам дека овој тим има квалитети да го направи тоа“, рече Смит на прес-конференцијата.


Два италијански гиганти загреани за данската сензација Дамсгард

Милан и Јувентус се силно заинтересирани за ѕвездата на Сампдорија, Микел Дамсгард.

Ѕвездата на данската репрезентација со своите игри воодушеви на Европското првенство, па минатото лето беше на радарот на многу европски гиганти, но сепак остана во Сампдорија.

За 21-годишниот крилен напаѓач Сампдорија бараше 35 милиони евра, но никој од заинтересираните клубови не беше спремен да ја плати таа сума. Сега Милан и Јувентус ќе се обидат да го донесат во јануари, бидејќи самиот фудбалер инсистира да ја промени средината.

Италијанските гиганти се спремни да понудат 20 милиони евра за неговиот потпис.


Лондонски Арсенал подготвува понуда за Кулушевски

Арсенал доставил понуда за крилниот напаѓач на Јувентус, Дејан Кулушевски. „Топџиите“ сакаа директно да ги разменат играчите со тоа што му понудија да го разменат Николас Пепе за 21-годишниот Швеѓанец, но нивната понуда беше одбиена од Јувентус.

Лондончани имаат сериозен интерес за Кулушевски и сакаат да го земат во своите редови. Тие се надеваа дека ќе можат да го разменат за Николас Пепе, бидејќи цената на двајцата моментално е приближно иста – околу 30 милиони фунти. Сепак, Јувентус не се согласи на ваква зделка, бидејќи повеќе би сакале да го продадат Кулушевски и да ја наполни касата за да може да се засили на други позиции каде моментално имаат потешкотии. Инаку Кулушевски се уште не може да се наметне како стартер кај Масимилијано Алегри. Од почетокот на сезоната забележа 15 настапи и 1 гол во сите натпреварувања, но на многу од нив настапуваше како резерва.


Мануел Ноер пред нов договор со Баерн

Голманот на германската фудбалска репрезентација, Мануел Ноер, е пред потпис на нов договор со неговиот сегашен клуб Баерн Минхен.

35-годишниот Ноер брани во одлична форма и се чуствува одлично во клубот од Минхен. Тој е во многу добри односи со челните луѓе кај „баварците“ и се очекува преговорите за продолжување на договорот да се одвиваат без проблеми. 

Актуелниот договор на Мануел Ноер со екипата на Баерн истекува во летото 2023 но планот е тој да остане во клубот најмалку до 2025 година.


Кутињо го одби Њукасл Јунајтед

Бразилскиот интернационалец во дресот на Барселона, Филипе Кутињо, изјави дека не е заинтересиран за преселба во редовите на Њукасл Јунајтед.

Премиерлигашот Њукасл кој неодамна доби нови сопственици и тренер, изрази заинтересираност за доведување на неколку засилувања во јануарскиот преоден рок, меѓу кои и Бразилецот Кутињо.

Меѓутоа, според најновите информации кои ги пренесуваат каталонските медиуми, бившиот играч на Ливерпул ја одбил можноста да се врати во Премиер лигата и да заигра за популарните „чавки“.

Кутињо се надева дека наскоро ќе се врати во посакуваната форма и ќе проба да биде стартер во тимот на Барселона под раководство на новиот тренер Чави Ернандез.


Проблеми за Далас Маверикс, се повреди Лука Дончиќ

Најдобриот кошаркар на Далас Маверикс, Лука Дончиќ заработи повреда на коленото и скочниот зглоб поради што нема да настапи на дуелот против тимот на Феникс Санс.

Својата повреда Дончиќ ја доби во финишот на натпреварот со Денвер Нагетс при еден дуел со Остин Риверс кој згазна на стапалото на кошаркарот од Словенија.

Од тимот на Далас сеуште нема информација за сериозноста на повредата но сигурно е дека Лука Дончиќ ќе го пропушти следниот натпревар во лигата.

Дончиќ сезонава бележи просек од 24,9 поени, 8,3 скока и 7,9 асистенции по натпревар.


Радоњиќ: Роналдо е мојот идол, чувствував потреба да го утешам

Србија во последното коло од квалификациите ја победи Португалија во Лисабон со голот на Александар Митровиќ во 90. минута и така обезбеди пласман на Мундијалот во Катар.

Капитенот на домаќините Кристиано Роналдо беше бесен и тажен после поразот. Роналдо ја фрли капитенската лента и седна на тревата. Некои српски фудбалери на кратко го прекинаа големото славје обидувајќи се малку да го утешат. Меѓу нив беше Радоњиќ кој открива што му кажал на Роналдо во тие моменти.

„Роналдо е мој идол. Му кажав – главата горе! Во Бенфика сите ми честитаа, навистина убав гест, покажаа дека се големи играчи“, изјави Радоњиќ.


Лионел Меси по дуелот со Бразил: Далеку сум од најдобрата форма

Капитенот на аргентинската фудбалска репрезентација, Лионел Меси, беше стартер на дерби натпреварот од квалификациите за СП 2022 против Бразил кој заврши со резултат 0:0 , но призна дека е далеку од својата најдобра играчка форма.

„Долго време немам редовни настапи. Натпреварот со Бразил беше мошне напорен и чувствувам недостаток на ритам во играта. Физички не сум во најдобра форма но се надевам дека ќе се подобрам и ќе ја завршам годината на најдобар можен начин“, изјави Меси после натпреварот со „кариоките“.

 Аргентинецот ги пропушти последните два натпревари на Париз Сен Жермен, но се врати да игра во дресот на репрезентацијата на дуелите со Уругвај и Бразил.


Депај: Холандија го направи тоа што од неа се очекуваше

Мемфис Депај проговори за победата на неговата репрезентација во квалификацискиот натпревар за СП 2022 со селекцијата на Норвешка (2-0).

„Горд сум на нашата репрезентација. По натпреварот со Црна Гора имавме продуктивен разговор, сите играчи беа подготвени за оваа вечер. Бевме најдобриот тим. Го направивме тоа што требаше да го направиме. Можевме да постигнеме повеќе голови, бевме многу проактивни“, изјави Депај за официјалната страница на УЕФА.

Да потсетиме дека напаѓачот на холандската репрезентација Мемфис Депај и напаѓачот на Англија, Хари Кејн станаа најдобри стрелци во групната фаза од квалификациите за Светското првенство во ФИФА 2022 година. Двајцата играчи имаат постигнато по 12 гола.

Благодарение на победата во мечот со Норвешка, Холандија го зазеде првото место во квалификациската група и директно се пласираше на Светското првенство во Катар.