feature

Интер Мајами со пораз ја започна одбраната на титулата

Актуелниот шампион во МЛС, Интер Мајами, доживеа тежок пораз на гостувањето кај Лос Анџелес, откако беше совладан со убедливи 3-0.

На теренот се најдоа двете најголеми ѕвезди во американската лига, Лионел Меси и Хеунг Мин Сон, но вечерта мина во знакот на домашниот тим. Меси го одигра целиот натпревар, сепак не успеа да направи разлика и остана без конкретен учинок. На спротивната страна, на голот на Лос Анџелес стоеше искусниот Хуго Лорис кој беше сигурен меѓу стативите.

Домашните поведоа по асистенцијата на Сон, а стрелец на првиот погодок беше Мартинез. Во второто полувреме Лос Анџелес ја потврди доминацијата. Боуанга зголеми на 2-0, а конечните 3-0 ги постави Ордаз.


Сараево победи, „стрелаа“ двајцата македонски интернационалци

Македонските интернационалци Стефан Ристовски и Агон Елези имаа главна улога во убедливата победа на Сараево од 3-0 против Посушје во 22. коло од шампионатот на Босна и Херцеговина.

Домаќините рано ја најавија победата. Во 14. минута по корнер од десната страна, Ристовски најдобро се снајде на втората статива и со удар со глава ја затресе мрежата за водство од 1-0.Сараево ја зголеми предноста во 33. минута, кога по лоша реакција на одбраната на Посушје, топката стигна до Елези, а тој без двоумење реализираше за 2-0.

Елези продолжува со одличните партии оваа сезона и веќе има пет гола, додека Ристовски има два.


Шкендија со доцен гол го освои Кратово

Победа на Шкендија во Кратово против Силекс од 1-2. Кратовскиот тим пропушти добри можности за да води, и беше казнет во последните мигови. Во првиот дел доминираа гостите, а Силекс беше подобар во второто полувреме, а на крај трите бода заминуваат во Тетово.

Шкендија го почна офанзивно натпреварот, сакаше што побрзо да го отвори резултатот. Напаѓаа тетовските фудбалери, и до водство стигнаа во 17. минута. Ајетовиќ од левата страна нафрли до Тамба, кој се снајде меѓу одбраната на Силекс, и погоди со силен удар под пречката на немоќниот Џеков.

Пиреш имаше шанса да израмни во 25. минута, обидот со глава оди над голот, а потоа во 42. минута пречката сојузник за Силекс по обидот на Алхасан. Во истата акција завршница со удар и на Тамба, Џеков успеа прекрасно да одбрани.

И кога се чинеше дека Шкендија има контрола, и дека ќе замине со предност на полувреме, една долга акција на Силекс, по која се создаде мешаница во шеснаесетникот, потоа топката вратена на 30 метри, па низ средината, од каде топката стигна до Бутуровиќ, кој остана во нападот, излезе сам и рутински погоди во голот на Гаје за израмнување.

Динамичен почеток имаше вториот дел, а Силекс беше далеку подобар и напаѓачки пристапи во продолжението на мечот. На таквата игра Шкендија ја чекаше шансата од противнапади, и се редеа шанси на двете страни. Ндгензуе се најде сам пред голот на Силекс по добра акција, но голманот Џеков стигна во последен момент да не му дозволи да шутира, а на другата страна во 63. минута Тимовски се закани со опасен шут, Геје успеа да одбрани.

Силекс тргна по победата, а на крај Шкендија стигна до неа. Кратовскиот тим најпрво се закани преку Делимеѓац кој шутираше прекрасно, Гаје уште подобро одбрани. Шанса имаше и Мишов, топката заврши за малку крај голот.

Шкендија во 88. минута ги казни промашувањата на домашните. Одбиена топка до Зејнулаи кој одлично со волеј ја зафати топката и заврши во мрежата за триумф на гостите.


Кари демантира заминување во пензија

Американскиот кошаркар Стеф Кари ги отфрли шпекулациите дека наскоро ќе стави крај на кариерата.

„Ќе го објавам тоа кога ќе дојде време за пензионирање, што не мислам дека ќе биде наскоро“, рече 37-годишниот кошаркар на НБА лигашот Голден Стејт, во интервју за списанието „Пипл“.

„Размислувањето за крајот ве оддалечува од сегашноста. Уживам во целото искуство со кошарката и целата работа што е вложена во неа.

Се надевам дека ќе ме однесе далеку“, додаде Кари.

Стеф Кари е дел од Голден Стејт од 2009 година, кога беше избран на драфтот на НБА. Оттогаш освои четири НБА шампионски титули во 2015, 2017, 2018 и 2022 година и го предводеше тимот на САД до златен медал на Олимписките игри во Париз во 2024 година.

Оваа сезона, Кари има просек од 27,2 поени, 4,8 асистенции и 3,5 скокови по натпревар.


Внукот на Матераци одлучи да игра за Србија

Сензационална вест од Србија. Џанфилипо Матераци, млад фудбалер од римскиот Лацио, е таа вест.

Родениот Римјанин во иднина ќе го носи дресот на српската репрезентација!

Талентираниот крилен напаѓач, кој потекнува од познато фудбалско семејство и е внук на славниот Марко Матераци одлучи да ја поврзе својата репрезентативна иднина со Србија, земјата од која потекнуваат корените на неговата мајка и која, според неговото семејство, секогаш ја носи во срцето.

Тој одигра 17 натпревари за кадетскиот тим на Лацио оваа сезона и постигна два гола и една асистенција.

По завршувањето на потребната административна постапка и добивањето дозвола за настап, името на Џанфилипо Матераци потоа беше вклучено на списокот на селекторот на кадетската репрезентација на Србија, Игор Матиќ, за претстојниот собир и пријателскиот натпревар против Словенија.

Доаѓањето на младиот играч од Лацио претставува уште едно значајно засилување за генерацијата „Орли“, а Фудбалскиот сојуз на Србија истакнува дека неговиот избор е потврда за правилниот пристап во работата со таленти кои имаат право да настапуваат за нашата земја.


Алкараз го освои турнирот во Доха

Карлос Алкараз дојде до трофејот од АТП турнирот во Доха, Катар, и тоа не било како, туку убедливо како на тренинг и за само 52 минути.

Ова финале ќе остане запаметено како едно од најкратките во историјата на АТП-500 серијата.

Францускиот тенисер, Артур Филс, едноставно немаше шанси против моментално најдобриот на АТП ранг-листата и не само што загуби за само 52 минути, туку успеа да освои само три гејма во поразот од 6-2 и 6-1.

Шпанецот со овој триумф само се зацврсти на лидерската позиција на светската ранг-листа.


Мејведер по една деценија се враќа во рингот

Поранешниот светски боксерски првак во бокс во повеќе категории, Флојд Мејведер, ќе се врати од пензија оваа година за својата прва официјална борба по речиси една деценија, иако неговиот противник сè уште не е познат.

„Сè уште имам шанса да поставам нови рекорди во боксот“, изјави Мејведер, кој се пензионираше во 2017 година откако беше непоразен во 50 борби.

Прогласен претходно оваа година од списанието The Ring за најдобар боксер во 21 век, Мејведер освои светски титули во супер лесна, лесна, полувелтер, велтер и супервелтер категорија во својата блескава кариера што започна во октомври 1996 година. Мејведер последен пат во својата професионална кариера влезе во рингот во август 2017 година против Ирецот Конор Мекгрегор.

Неговото враќање потсетува на неговиот поранешен ривал од Филипините, Ману Пакијао, кој се врати во рингот минатото лето на 46-годишна возраст.


Баскет Кам и Крива Паланка ќе играат во финалето на женскиот кошаркарски Куп

Екипата на Крива Паланка е вториот финалист на 34. издание од женскиот кошаркарски Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“, откако вечерва на завршниот турнир во Македонска Каменица триумфираше убедливо над Бадел1862 со 81-45.

За Крива Паланка ова е прво Куп финале во клупската историја до кое ја предводеа Робинсон со 26 и Алексовска со 17 поени.

Во екипата на Бадел 1862, Марија Николов постигна 14. поени, додавајќи по пет скокови и асистенции.

Противник на Крива Паланка во натпреварот за трофејот ќе биде Баскет кам, кој претходно денеска во првото полуфинале триумфираше над МЗТ Бела вода со 74-63.

Финалниот натпревар е закажан за в недела со почеток во 18 часот во Македонска Каменица.


Спектакл од шест гола во Мадрид, Атлетико го надигра Еспањол

Атлетико Мадрид стави крај на голгетерската криза и во 25. коло од Ла Лига го совлада Еспањол со 4-2, откако на претходните три натпревари остана без постигнат гол.

Шок за тимот на Диего Симеоне пристигна уште во 6. минута. Гризман ја загуби топката, следуваше контранапад по десната страна, Долан асистираше до Карерас кој донесе водство од 0-1. Атлетико ја презеде иницијативата и израмни во 21. минута. Маркос Љоренте испрати прецизен центаршут, а Сорлот реагираше одлично и погоди за 1-1.

Во второто полувреме следуваше вистинска офанзива на домаќинот. Во 49. минута по акција во која учествуваше и Гризман, Џулијано Симеоне рутински реализираше за пресврт. Само девет минути подоцна Лукман беше на вистинското место по корнер и скок на Руџери, па на втора статива зголеми на 3-1. Атлетико продолжи во ист ритам, а Руџери повторно асистираше, овојпат до Сорлот кој го постигна својот втор гол за убедливи 4-1.

Еспањол до крајот само го ублажи поразот преку Еспозито во 80. минута за конечни 4-2.


Фонсека: Модерниот фудбал стана многу здодевен

Пауло Фонсека кој седи на клупата на францускиот елитен состав Лион, даде оценка за модерниот стил на фудбал.

„Станува сè потешко за тренерите кои сакаат да играат добро. Не можеме да заборавиме дека тоа е најпочитуваниот спектакл во светот.

Никој не сака да оди на стадион за да гледа здодевен натпревар без шанси за гол. Играта драматично се менува а тоа што го гледаме денес не е убаво“, рече Фонсека.