feature

Конате не сака нов договор со Ливерпул, за бесплатно да премине во Реал

Централниот дефанзивец на Ливерпул, Ибрахима Конате, не планира да го обнови договорот со клубот, кој важи до летото 2026 година, известува “АС”.

Според изворот, Французинот сака да се приклучи на Реал Мадрид по една година, што е познато на сите заинтересирани страни. Се нагласува дека шпанскиот клуб може да се обиде да го доведе Конате уште ова лето, но за да се случи тоа, потребно е најпрво Давид Алаба да го напушти тимот.

Конате игра за Ливерпул од летото 2021 година. Во сезоната 2024/25, 26-годишниот фудбалер одигра 42 натпревара во сите натпревари, каде постигна 2 гола и направи 2 асистенции.

Порталот Transfermarkt ја оценува вредноста на играчот на 60 милиони евра, но според “АС”, во оваа ситуација Реал нема да понуди повеќе од 20-25 милиони евра, бидејќи договорот на играчот истекува, а на “Енфилд” се свесни дека тој нема да го обнови.


Интер сакал да му го украде Ардон Јашари на Милан

Интер се обидел да му ја украде една од главните трансферни цели на градскиот ривал Милан – Ардон Јашари.

„Нераѕурите” понудиле Александар Станковиќ плус 30 милиони евра за целта на Милан – Ардон Јашари. Освен тоа, од Интер понудиле и за дефанзивецот Жоел Ордонез.

Двајца од шефовите на Клуб Биж биле во Милано порано денес и се сретнале со луѓе од раководството на Интер. Причина за состанокот било прашање за младиот играч од средината на теренот Станковиќ, кој Интер е подготвен да го продаде, но со опција да си го врати за одредена сума.

Белгискиот трансферен експерт Саша Таволиери тврди дека за време на разговорите од Интер се обиделе да преговараат за Јашари, изразувајќи подготвеност да платат 30 милиони евра, но добиле одбивање.

Од една страна, Бриж не сака да се раздели со својот најценет фудбалер, а од друга страна – Јашари е навивач на Милан од детство и сака да премине кај „росонерите“.


Договорено враќање на Жоао Феликс во Бенфика

Бенфика е сè поблиску до враќањето на Жоао Феликс. Според информации од „Maisfutebol“, португалскиот гигант постигнал значителен напредок во преговорите со Челси и е уверен дека ќе го финализира трансферот во следните часови.

Процесот се забрзал по средбата на претседателот на Бенфика, Руи Кошта, со претставници на играчот. Самиот Феликс е категоричен во својата желба да се врати на „Луж“.

Првично „орлите“ размислувале за позајмица на напаѓачот, но на крајот решиле да преговараат за постојан трансфер.

Во исто време, Бенфика е на пат да се раздели со Оркун Кјокчу. Според Фабрицио Романо, португалскиот клуб се согласил да го даде играчот под наем на Бешикташ со клаузула за задолжително откупување за 25 милиони евра плус 5 милиони евра во форма на бонуси.

Кјокчу веќе ги договорил своите лични услови со Бешикташ и изјавил пред раководството на Бенфика дека сака да биде продаден.


Тео Хернандез: Милан е клуб без никаква амбиција

Францускиот дефанзивец, Тео Хернандез вчера и официјално беше претставен во редовите на Ал Хилал, а на претставувањето не штедеше критики за актуелното раководство на Милан.

Хернандез очигледно смета дека раководството на клубот од „Сан Сиро“ е виновно што тој не останал.

„Мојата одлука да заминам не беше лесна. Секогаш сакав да останам, Милан ми беше приоритет, но за жал таму сега работите зависат од една личност. Насоката во која оди клубот и некои одлуки од неодамна не ја одразуваат вредноста, ниту амбицијата која ме доведе тука. Дојде моментот да затворам едно поглавје. Заминувам со крената глава бидејќи секогаш давав се одд себе на теренот. Искрено се надевам дека Милан ќе дојде на местото на кое што треба да биде. Форца Милан засекогаш“, порача Ернандез меѓу другото на промоцијата.

Од неговото доаѓање Ернандез за Милан собра вкупно 262 натпревари и постигна 34 гола.


Барди договори премин во Коњаспор

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди и дефинитивно останува во Турција, а според медиумите од оваа земја ќе го носи дресот на Коњаспор.

Наводно зделката е договорена, Барди како слободен играч потпишува за Коњаспор.

Неговата годишна плата ќе биде околу 600.000-700.000 евра, но ќе има и бонус за потпис со кој примањата ќе му достигнат до милион евра.

Се очекува Барди во петок да биде во Коња и да го официјализира преминот во овој турски клуб.

Коњаспор го сакаше Барди и на полусезона, но тогаш Бодрум стигна до македонскиот репрезентативец.


Седлоски: Задоволен сум од играта и резултатот, на реваншот одиме да ја завршиме работата

Вардар ја оствари целта, славеше над Ла Фиорита од Сан Марино со 3:0 и голема предност ќе патува на реваншот од 1. коло во Конференциската лига на УЕФА.

По мечот, тренерот Гоце Седлоски беше задоволен од прикажаното од своите играчи, кои до триумфот дојдоа со добра игра во вториот дел.

„Сакам да им честитам на играчите, првиот дел беше во грч, затоа што некои играчи играат вакви мечеви за прв пат. Ваквите ривали се доста незгодни ако не им дадеш гол. Но, задоволен сум од вториот дел, измените ни донесоа разлика и заслужено победивме со три гола разлика. Во последните петнаесет минути имавме и повеќе шанси, кои мора во иднина да користиме. Некој да ми понудеше 3:0 пред меч ќе прифатев веднаш. Доста играчи од овие не беа во целост на подготовките. Новите играчи допрва треба да се докажуваат. Знаеме колку тежи вардаровиот дрес. Но, генерално сум задоволен од тимот и од изданието. Сите кои одиграа го дадоа максимумот“, изјави Седлоски.

Реваншот меѓу Ла Фиорита и Вардар во Сан Марино се игра на 17 јули. Победникот од двомечот игра со швајцарскa Лозана во втората рунда на Конференциската лига.


Болоња го претстави Чиро Имобиле

Болоња денес и официјално го потврди ангажманот на Чиро Имобиле, 35-годишниот напаѓач се враќа по една сезона мината во турскиот клуб Бешикташ.

Легендата на Лацио и италијанскиот фудбал, Чиро Имобиле потпиша едногодишен договор со Болоња со можност за продолжување на уште една сезона.

Имобиле минатата сезона ја мина во Бешикташ за кој постигна 19 голови во сите натпреварувања.

Тој имаше двегодишен договор со турскиот клуб, но го раскинаа на взаемна согласност со цел тој да се врати во Серија А.

Болоња е петтиот клуб од Серија А за кој ќе игра Имобиле, претходно настапуваше за Јувентус, Џенова, Торино и Лацио.


Мадуеке пред потпис со Арсенал

Арсенал официјално му понуди на Челзи 58 милиони евра за Нони Мадуеке, објави Фабрицио Романо. 23-годишното англиско крило веќе ги договорило личните услови со „топџиите“.

Според авторитетниот новинар, Челзи сака сума поблиска до 64 милиони евра што ги понуди Њукасл за Ентони Еланга.

Сепак, Арсенал инсистира на комплетирање на трансферот, бидејќи Мадуеке е главна цел на Микел Артета.

Минатата сезона, англискиот фудбалер одигра 46 натпревари за Челзи во сите натпреварувања, постигнувајќи 11 гола и 5 асистенции.


Ѓоко Хаџиевски нов тренер на Спартак Варна

Македонскиот фудбалски стручњак Ѓоко Хаџиевски е нов шеф на стручниот штаб на бугарскиот тим Спартак Варна. Искусниот стратег ќе го наследи Николај Киров, кој неодамна се пресели на кормилото на Ботев Пловдив.

Хаџиевски има богата интернационална кариера и добро познавање на бугарскиот фудбал. Тој првпат работеше во Бугарија во далечната 1993/94 сезона, кога беше тренер на ЦСКА Софија, додека во 2006 година, повторно се врати во бугарското првенство, овојпат на чело на Вихрен Сандански.

Неговиот последен ангажман беше во Саудиска Арабија во сезоната 2023/2024, а низ годините наназад Ѓоко Хаџиевски беше на чело на клубови како Вардар, Силекс, Војводина, Баку, Касторија, Докса, Атромитос, како и репрезентацијата на Македонија.


Стефан Ристовски потпиша за Сараево

Стефан Ристовски, фудбалерот на Динамо Загреб, веројатно ќе ја продолжи кариерата во Сараево.

Ристовски ги помина претходните четири години во Динамо, од каде што пристигна од лисабонски Спортинг, но на крајот од минатата сезона немаше продолжување на соработката.

Овој 33-годишник беше поврзуван со неколку клубови од Европа, а според хрватските медиуми, најверојатно ќе ја продолжи кариерата во Босна и Херцеговина, во Сараево.

Како што објави Германиак, Ристовски се договорил за сè со Сараево и се чека само официјална потврда дека овој десен бек е нов играч на клубот.

Се вели дека Зоран Зекиќ одиграл клучна улога во ова и дека успеал да го убеди овој искусен дефанзивец да ја продолжи кариерата во Сараево.

Тимот на Сараево се подготвува во Словенија, каде што Ристовски треба да му се придружи на тимот во наредните денови, освен ако не се случи неочекуван пресврт на настаните.

Ристовски почна во Вардар, но уште како млад замина во Парма.

Првпат пристигна во Хрватска пред десет години кога беше на позајмица во Риека, каде што остана.