Симеоне: Не знам како Рафиња не ја освои „Златната топка“
Главниот тренер на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, беше импресиониран од фудбалерот на Барселона, Рафиња, по синоќешниот пораз од Каталонците со 3:1 во 19. коло од шпанското првенство.
„Рафиња е неверојатен играч. Може да игра насекаде. Како крило, како играч од средниот ред, како напаѓач и како бек. Може да постигнува голови, да создава шанси, да притиска и да трча. Не разбирам како сè уште не ја освоил Златната топка. Лично, секогаш би го избрал него“, изјави Симеоне по натпреварот на „Камп Ноу“.
Барселона има 37 бода и е на врвот на табелата. Атлетико Мадрид е на четвртото место со 31 бод.
Алегри добро помина, доби само еден меч казна за исклучувањето со Лацио
Тренерот на фудбалерите на Милан, Масимилијано Алегри, ќе пропушти само еден натпревар поради црвениот картон заработен на натпревар против Лацио во Серија А.
Тој дополнително е казнет и со 10.000 евра бидејќи жестоко реагираше на одлуката на главниот судија околу ситуацијата со ВАР и евентуален пенал за противникот.
Суспензијата се однесува само за шампионатот на Италија што значи Алегри ќе може да седи на клупата за Куп мечот со Лацио.
Серена Вилијамс ја прекинува пензијата за пак да игра тенис
Американската тенисерка Серена Вилијамс, освојувачка на 23 гренд слем титули, поднесе документација што го иницира нејзиното враќање во 2026 година.
Серена последен пат играше на Отвореното првенство на САД во 2022 година, каде што победи на два натпревари пред да изгуби од Ајла Томљановиќ во третото коло.
Тој пораз се случи на 2 септември, а само еден ден подоцна, Серена поднесе барање за официјално пензионирање до Меѓународната агенција за интегритет на тенисот, што значеше дека повеќе нема да мора да го открива своето место на живеење, за случајни допинг тестови на дневна основа.
Вилијамс имаше намера да се врати порано, во Њујорк оваа година, за да игра двојки со постарата сестра Венус, но таквото спонтано враќање, на краток рок, не е дозволено.
Серена се најде на регистрираната листа за тестирање на ITIA во октомври, по повеќегодишна пауза. На тој начин, е на добар пат да се врати до април 2026 година, за шест месеци.
Вилијамс освои 23 гренд слем титули во својата кариера и помина 319 недели на врвот на листата на ВТА.
Девет гола на „Крејвен Котиџ“, нов рекорд на Ерлинг Халанд
Фулам и Манчестер Сити приредија вистинска голеада на „Крејвен Котиџ“, а конечниот резултат во Западен Лондон беше 4-5 (1-3).
„Граѓаните“ влегоа во овој натпревар како фаворити, што го покажаа во првото полувреме со головите на Ерлинг Халанд, Тижани Рејндерс и Фил Фоден во 17., 37. и 44. минута.
Емил Смит Рау го намали водството на гостите во втората минута од судиското продолжение во првото полувреме.
Во вториот дел Сити дојде до предност 5-1 благодарение на вториот гол на Фоден во 48. минута и автоголот на Сандер Берге во 54. минута.
Сепак, друг поранешен играч на Арсенал, Алекс Ивоби, му даде поттик на Фулам со гол во 57. минута, а домашните се заканија со пресврт преку Самуел Чукувезе, кој постигна гол во 72. минута, а потоа и во 78. минута.
Барса го доби дербито со Атлетико и побегна на врвот
Големото дерби на шпанското првенство помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид заврши со победа на Каталонците со 3-1 (Рафиња, Олмо и Феран Торес за Барса и Алекс Баена за Атлетико), со што избраниците на Ханси Флик ја задржаа водечката позиција и ја зголемија бодовната разлика во споредба со најголемиот ривал, Реал Мадрид, кој сè уште не го одиграл својот натпревар од 14. коло.
Дербито беше извонредно. Одлични голови и потези, големи промашувања, за жал и повреди.
Каталонците се први на табелата, сега имаат 37 бода, четири повеќе од Реал Мадрид, но исто така одиграа повеќе натпревари. Атлетико е четврти со 31 бод, еден помалку од Виљареал на третото место.
Аугсбург го отпушти тренерот Сандро Вагнер
Бундеслигашот Аугсбург и тренерот Сандро Вагнер го раскинаа договорот, објави прес-службата на клубот.
Одлуката за разделба со 38-годишниот германски фудбалски стручњак е донесена по разговорите меѓу Вагнер, извршниот директор на Аугсбург, Михаел Строл, и спортскиот директор Бени Вебер.
Вагнер го презеде Аугсбург во јули 2025 година. Под негово водство, тимот победи на четири натпревари, одигра еден нерешен резултат и загуби девет, вклучувајќи осум од 12 натпревари во Бундеслигата. Тимот моментално е на 14-то место на табелата во Германското фудбалско првенство со 10 освоени бода.
Мануел Баум ќе биде привремен главен тренер на Аугсбург.
Вагнер претходно беше помошник тренер на германската машка репрезентација и на репрезентацијата до 20 години, како и главен тренер на Унтерхахинг.
Марселињо е тренер на месецот во Ла Лига
Предводникот на Виљареал, Марселино Гарсија Торал, е прогласен за најдобар тренер на месец ноември во шпанската лига, објави Ла Лига.
Во гласањето, 60-годишниот Шпанец ги победи тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, и тренерот на Барселона, Ханс-Дитер Флик.
Во ноември 2025 година, Виљареал ги победи Рајо Ваљекано (4:0), Еспањол (2:0), Мајорка (2:1) и Реал Сосиедад (3:2).
„Жолтата подморница“ е трета на табелата во шпанската лига со 32 бода по 14 натпревари.
„Трета среќа“ за „тај-брејк“ радост за Пелистер Волеј
Одбојкарките на Пелистер Волеј ја запишаа првата тај-брејк победа сезонава во третиот ваков натпревар за нив во Првата женска лига, откако со 3-2 (25-18, 16-25, 25-21, 22-25, 15-8) ги совладаа Газели Волеј во последниот меч од 8. коло, кој се одигра во Битола.
Во дербито на дебитантите во прволигашкото друштво противниците одиграа одличен натпревар, интересен, неизвесен, со убави поени и тактичко надмудрување. Газели Волеј имаше старт од 0-4, но Пелистер Волеј успеја брзо да се консолидира, а како пресудна за водството на домашните се покажа серијата од 6-1 (15-10) во средината на сетот, како и големиот број технички грешки на противникот кои им одеа во прилог.
Скопскиот состав ја смири играта во полето во вториот сет и тоа и донесе подобра организација на нападот, со што изедначи на 1-1. Следните два сета беа рамноправни и ги одлучуваа детали, односно моменталната концентрација и инспирација, а најмногу дисциплината во игра, што само ја најави тај-брејк разврската. Во решавачкиот сет домаќинот влезе фуриозно со 7-1, односно 8-2 на промена на страните и потоа мирно дојде до победа од 15-8, или вкупно трета во првенството.
Шај Мекги со 22 поени беше најефикасната во редовите на Пелистер Волеј, додека Симона Стојановска имаше 8 поени. Кај Газели Волеј, Теа Терзиевска постигна 22, следена од Мила Дикова со 14 поени.
Двата одбојкарски национални тима дел од Европската лига 2026
Втора година во низа машката и женската сениорска репрезентација на Македонија паралелно ќе учествуваат во Европската лига. Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија на последниот состанок донесе одлука да се задржи континуитетот на А селекциите во ова натпреварување, кое од 2026 година ќе добие и нова тежина, односно ќе го замени квалификацискиот циклус за ЕвроВолеј 2028.
Машкиот национален тим од 2014-та година ја одржува традицијата да биде дел од ова континентално натпреварување, додека за дамите ова ќе биде трето учество, второ во низа, а дебитираа во изданието во 2023 година.
Пријавувањето за учеството во Европската лига 2026 беше отворено до 1 декември, а со оглед на промените кои ги најави Европската одбојкарска конфедерација на последниот Конгрес во Париз, јасно е дека натпреварувањето ќе добие и нов систем, кој се очекува ЦЕВ да го претстави до крајот на годината.
Според најавите циклусот за пласман на ЕвроВолеј 2028 ќе се одвива преку изданијата на Европската лига 2026 и 2027 година. Од следната година Европската лига ќе биде единствена лига во која пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првите четири репрезентации од двете изданија, првите четири од изданието во 2026 година и првите четири од изданието во 2027 година (вкупно осум), заедно со четирите земји-домаќини на првенството, шампионот од ЕП 2026 година, како и 11 селекции според ранкингот на ЦЕВ по завршувањето на Европската лига 2027.
Дориев е странец на годината во Узбекистан
Македонскиот интернационалец Љупчо Дориев ја заокружи сезоната во голем стил и денеска во Узбекистан беше официјално прогласен за најдобар странски фудбалер во првенството. Офанзивецот имаше извонредна година во дресот на Согдијана и се наметна како еден од најважните играчи во лигата.
Дориев одигра 30 натпревари и постигна 16 голови, учинок кој силно одекна кај локалната јавност и целосно го оправда изборот. Ова му е трета сезона во Узбекистан, а по заминувањето од Шкендија и Брера Струмица конечно ја пронајде средината во која максимално го истакнува својот потенцијал.
Неговите партии не поминуваат незабележано и секако ќе бидат од интерес и на македонската репрезентација. Следниот селектор ќе има уште едно сериозно име за разгледување, со оглед на тоа што формата и голгетерскиот биланс на Дориев се вистинска препорака за повик во националниот тим.
Инаку досега Љупче Дориев во дресот со македонскиот грб има девет настапи, но последен пат беше повикан во 2023 година.